Хамилтон ја доби шпанската битка со Фетел

Луис Хамилтон стигна до нов триумф во Формула 1 шампионатот откако актуелниот вицепрвак ја заврши на првото место денешната трката за ГН на Шпанија што се возеше на патеката Каталуња. Возачот на Мерцедес повторно водеше напорна битка со Себастијан Фетел, но овојпат Хамилтон излезе како победник од надмудрувањата со возачот на Ферари, приближувајќи му се на Германецот во генералниот пласман.

Трката уште од самиот почеток беше максимално интересна, Фетел на стартот го мина Хамилтон и излезе на чело на колоната, додека Ботас иницираше судир со Раиконен, кој потоа се удри и во Ферстапен, по што болидите на Ферари и на Ред бул ја завршија експресно трката, додека Ботас продолжи да се натпреварување.

Германецот делуваше како да ја контролира трката во првата половина, но ситуацијата се промени откако Мерцедес ја промени стратегијата, па Хамилтон нешто порано влезе во „бокс“ за менување на гумите. Фетел влезе во 38. круг и при излегувањето водеше огромна битка со големиот ривал. Германецот остана на првото место, но Хамилтон го искористи фактот дека се наоѓаше на меки гуми, па нешто подоцна рутински го мина возачот на Ферари на стартно-целната рамнина, стигнувајќи до првото место што знаеше како да го сочува до самиот крај.

Ботас во меѓувреме поради проблеми со болидот мораше да го „паркира“ својот Мерцедес, па на крајот третото место го освои Рикиардо. Четвртата и петтата позиција им припаднаа на возачите на Форс Инсија, Перез и Окон, а Топ 10 на оваа трка ги комплетираа Хулкенберг, Вехреин, Саинц, Магнусен и Квијат.

Се вчитува...