Хамилтон со пофалби: Го почитувам Фетел како никој друг

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, победи на трката за ГН на Кина, а на подиумот повторно беше во друштво со својот главен ривал во Ф1 шампионатот, Себастијан Фетел, но овој пат двајцата возачи си ги сменија местата. На првата трка за ГН на Австралија во Мелбурн, Фетел беше прв, а Хамилтон заврши зад него, а во Шангај редоследот беше обратен.

Британецот по трката во Кина истакна дека и оваа сезона битката со Фетел за шампионската титула ќе биде неизвесна до последната трка, изразувајќи почит кон својот ривал за кого вели дека е возач што најмногу го почитува.

За мене е привилегија да се натпреварувам со четирикратен светски шампион како Фетел. Тој е во најдобра форма и го покажува тоа со фантастичната брзина на патеката.Тој не допушта грешки во своето возење и ако е во силен болид, тешко можеш да го сопреш. Тоа ја прави победата во Шангај уште подрагоцена за мене, а верувам дека така беше и за него на првата трка во Австралија. Имам респект за Себастијан како кон никој друг. Бидете сигурни дека и двајцата сакаме „да се истепаме“ на патеката, но кога ќе излеземе од болидите и ќе се видиме на подиумот, имаме взаемно почитување. Навистина верувам дека битката за победите ќе продолжи со истото темпо до последната трка, како што беше во првите две. Не го велам тоа за да залажувам некого или за да им се допаднам на Ферари, но дефинитивно тие завршија голема работа за кратко време“ – изјави Луис Хамилтон.

Се вчитува...