Хаос во Фиорентина: Најдобриот играч одбива да тренира и чека трансфер

Фиорентина доживеа дебакл од Рома на отворањето на новата сезона во Серија А, но „виолетовите“ од денеска се соочија со дополнителен проблем откако најдобриот фудбалер на тимот, Моисес Кеан, соопшти дека не планира повеќе да тренира со тимот чекајќи да се комплетира трансферот во редовите на Комо.

Голгетерот најпрвин задоцнил на тренингот, а кога се очекувало да ги објасни причините за доцнењето тој јасно ставил до знаење дека нема намера да се стави на располагање на стручниот штаб.

Фиорентина веќе подолго време преговара со Комо, но двете страни не се ниту блиску до трансферот вреден 45 милиони евра, колку што тимот од Фиренца го има проценето својот голгетер.

Кеан се обидува на ваков начин да изврши притисок врз „виолетовите“, но веднаш стигна одговор од управата – тој ќе биде казнет за доцнењето и одбивањето да тренира.

Од Фиорентина се децидни – Комо мора да плати 45 милиони ако го сака италијанскиот репрезентативец во своите редови, доколку тоа не се случи голгетерот останува на „Артемио Франки“.

Се вчитува...