Хаос во Реал Мадрид, Роналдо не зборува со Флорентино Перез?

Дебаклот на „Ел Класико“ ја отвори пандорината кутија во Реал Мадрид. Таму работите одамна не се на посакуваното ниво, а атмосферата меѓу фудбалерите и раководството на клубот е нарушена. Шпанските медиуми откриваат и дека најголемата ѕвезда Кристијано Роналдо не зборува со претседателот Флорентино Перез. Иако имаа заеднички фотографии од доделувањето на „Златната топка“, сепак, има големо несогласување меѓу нив поради преговорите за новиот договор на Португалецот.

Кристијано Роналдо и неговиот агент Жорге Мендеш очекуваат најдобриот светски фудбалер за 2017 година да добие нов договор со услови најмалку идентични какви што има Лионел Меси во Барселона, но раководството на Реал Мадрид и не мисли така.

Роналдо влегува во 33.година од животот и неговата кариера очекувано полека ќе оди во надолна линија. Лионел Меси е две години помлад, па „кралскиот клуб“ смета дека од тој агол платата и не може да биде идентична.

„Роналдо е лут дека не доби нов договор. Тој се пожали на своите блиски пријатели дека чувствува недостиг од почитување од страна на Флорентино Перез, затоа што клубот веќе отворено флертува со Нејмар. Перез тоа го стори токму на гала свеченоста во Париз, кога Роналдо по петти пат ја доби „Златната топка“. Нивните релации дефинитивно не се најдобри“, откриваат шпанските медиуми.

Од друга страна, Реал Мадрид најверојатно ќе сврти нов лист. По огромната негатива во однос на Барселона, потребна е реконструкција во тимот за наредниот период. „Кралевите“ веќе ги гледаат новите опции, Нејмар, Хари Кејн, Деле Али, Серхио Агуеро, Кевин Де Бруин…, кои ги посакуваат во своите редови.

Се вчитува...