Хаосот од „Пољуд“ се пресели низ улиците на Сплит: Повредени полицајци, 51 приведен хулиган…

Хаос владееше во Сплит по синоќешниот полуфинален дуел од Купот на Хрватска, откако Хајдук вторпат за само неколку дена беше поразен на домашен терен од големиот ривал Динамо Загреб.

На припадниците на „Торцида“ тешко им падна ова ново фијаско, па веднаш по крајот на мечот ја пробија заштитната ограда и се упатија кон теренот. За среќа, фудбалерите на Динамо успеаја да побегнат, а полицијата спречи сплитските фанови да се приближат до трибината каде се наоѓаа навивачите на Динамо Загреб.

Нередите продолжија со демолирање на столчињата на стадионот, а потоа и кога навивачите го напуштија „Пољуд“, па продолжија со хаос и надвор од фудбалската арена. Според полициските извештаи, навивачите фрлале со тврди предмети по припадниците на законот, поради што тројца полицајци морале да ја минат ноќта во болница, но не се наоѓаат во животна опасност.

Првичната бројка на приведени е 51 навивач на Хајдук, но не се исклучува можноста таа да се зголеми во текот на денот по прегледувањето на видео снимките од големиот инцидент.

Се вчитува...