Харден му донесе израмнување на Хјустон, Адетокумбо е незапирлив за Бостон

101-Хјустон израмни на 2-2 во серијата против Голден Стејт, а најзаслужен за синоќешниот триумф од 112-108 повторно беше Џејмс Харден. Стеф Кари постигна 11 поени во првата четвртина, но не успеа да го издржи ритамот до крајот на средбата. „Ракетите“ благодарение на Харден стигнаа до предност од 17 поени во третата четвртина, но „воините“ успеаја да се вратат и мечот да влезе во неизвесна завршница. При резултат 111-108 актуелните прваци имаа две шанси за израмнување, но обидите за тројка на Кари и на Дурант завршија непрецизно и „ракетите“ ја прославија втората победа во низа над Голден Стејт.

Харден одигра уште еден одличен меч со 38 поени и 10 скокови, кај Голден Стејт најефикасен беше Дурант со 34 поени, а Кари го заврши мечот со 30 поени и осум асистенции.

Милвоки е на чекор до финалето во Источната конференција по новата победа на гостински терен во Бостон (101-113). Во главна улога беше Јанис Адетокумбо, кој постигна 17 поени само во последната четвртина, запечатувајќи го големиот триумф за водство од 3-1. Грчкиот репрезентативец постигна 39 поени надополнети со 16 скокови, додека најдобар стрелец на Бостон при синоќешниот пораз беше Кајри Ирвинг со 23 поени и 10 асистенции.

Се вчитува...