Хјустон поведе со 2-0 во серијата против Јута откако и на вториот домашен натпревар „ракетите“ забележаа убедлива победа над „џезерите“, од 118-98.
Уште од самиот почеток стана јасно дека домашните кошаркари нема да дозволат изненадување, експресно поведувајќи со 27-9, за потоа да ја завршат првата четвртина со 20 поени предност (39-19). Како што одминуваше времето така предноста на Хјустон се зголемуваше, за тренерите во последната четвртина да ги одморат своите клучни играчи, а Јута да ја спушти разликата на 20 поени (118-98). Џејмс Харден повторно беше во главна улога, овојпат со трипл-дабл од 32 поени, 13 скокови и 10 асистенции.
Убедлива втора победа забележа и Милвоки, рутински триумфирајќи на домашен терен над Детроит со 120-99. Отпорот на гостите беше скршен во второто полувреме, кое Милвоки го доби со 62-40 и стигна до предност од 2-0 во ова серија. Адетокумбо беше расположен за игра и реализираше 26 поени и 12 скокови, додека Мидлтон придонесе со 24 поени во оваа победа.
Предност од 2-0 има и Бостон во серијата против Индијана откако селтикс славеше на синоќешниот дуел на домашен терен со 99-91. Индијана има за што да жали бидејќи гостите влегоа во последната четвртина со 11 поени разлика, за Бостон да ги добие преостанатите 12 минути со убедливи 31-12, да направи целосен пресврт и да триумфира. Ирвинг беше најзаслужен за оваа победа со 37 поени, уште еднаш потврдувајќи дека е подготвен да ја преземе одговорноста кога е најважно за тимот на Бостон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА