Харден со 40 поени, Денвер ја доби „српската пресметка“… (ВИДЕО)

Кошаркарите на Денвер славеа против Сакраменто Кингс со 101-94 во еден од синоќешните 11 натпревари од НБА лигата. Во српската пресметка меѓу Богдан Богдановиќ и Немања Бјелица од една страна и Никола Јокиќ на спротивната, на крајот се радуваше центарот на Денвер. Најефикасен во победничкиот тим беше Џамал Мареј со 18 поени, а кај Сакраменто Фокс запиша 20 поени.

Вечерта ја одбележа Расел Вестбрук кој со Хјустон беше блиску до трипл-дабл во победата на Рокетси од 116-112 против поранешниот негов клуб Оклахома. Вестбрук мечот го заврши со 21 поен, 12 скокови и девет асистенции, а Џејмс Харден на спротивната страна постигна дури 40 поени.

Кошаркарите на ЛА Клиперс на свој паркет славеа против Шарлот со 111-96 запишувајќи ја третата победа сезонава во НБА лигата. Клиперси, кои важат за едни од најсериозните кандидати за титула сезонава, уште еднаш го демонстрираа својот квалитет иако дојдоа многу потешко од очекувањата до триумфот.

До победата ги предводеше Каваи Леонард со 30 поени, дополнети и со седум скока и шест асистенции, а покрај него се истакна и Лоу Вилијамс со 23 поени. Кај Шарлот најдобар беше Тери Розие со 17 постигнати поени.

Втора победа сезонава запиша и Портланд кој беше подобар од Сан Антонио со 113-110. Портланд до триумфот го водеа Лилард со 28 поени и девет скока и МекКалум со 27 поени и пет асистенции.

Во уште еден интересен меч Голден стејт со 134-123 славеше против Њу Орлеанс. Вориорс до триумфот ги водеше Кари со 26 поени и 11 скока, а Д’Анџело Расел постигна 24 поени.

Трета победа сезонава запишаа и актуелните шампиони Торонто над Орландо со 104-95, водени од Ловри со 26 поени.

Се вчитува...