Македонските репрезентативци Себастијан Херера и Дамјан Шишковски повторно ќе играат во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА со својот Борац Бања Лука, откако во плеј-оф квалификациското коло славеа и по вторпат против исландски Викингур.
Овој пат, по онаа победа на Борац од 3-1 во Исланд, сега и во Бања Лука славеа со идентични 3-1.
А, стрелец на првиот гол за Борац во 55. минута, во тие моменти за израмнување на резултатот на 1-1, беше Себастијан Херера.
Вистинско чудо се случи во Андора каде тимот на Интер Ескалдес го елиминираше косовскиот преставник Дрита на чија клупа е поранешниот македонски репрезентативец Ардијан Нухиу.
По оние 2-2 во Косово, сега во Андора беше 0-0 по регуларниот дел и по продолженијата, па по пеналите славеше Интер Ескалдес, испишувајќи историја.
Интер Ескалдес стана прв клуб од Андора кој успеал да се избори за главната фаза на едно клупско натпреварување под капата на УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
