Херојот Симоновски: Играв со скинат мускул, не можев да дозволам Кожув да испадне од елитата

Марко Симоновски беше спасителот на Кожув откако извонредниот шутер постигна 30 поени на мајсторката против Црн Дрим, со што е најзаслужен што тимот од Гевгелија и во следната сезона ќе биде дел од елитното кошаркарско друштво. Македонскиот репрезентативец минатото лето пристигна како најзвучно засилување во Кожув, а епитетот го оправда кога беше најваж – во мечот на сезоната во кој Симоновски погоди осум тројки од десет обиди.

Неговото достигнување е уште позначајно ако се знае дека тој го играше плејаутот повреден, по проблемите со кои се соочи за време на првата средба.

„На првиот меч со Црн Дрим заработив незгодна повреда, прегледите покажаа дека имам скинати влакна и лекарите ми препорачаа пауза. Не сакав ни да слушнам, играв со скинат мускул, не можев да дозволам Кожув да испадне од елитното друштво. Знаев дека дури и доколку состојбата се влоши, ќе имам доволно време летово да се рехабилитирам целосно, затоа дадов се од себе за да помогнам да ја оствариме целта – да обезбедиме опстанок. Ова беше чудна сезона во која коронавирусот им создаде проблеми на сите клубови, така се случи наместо за висок пласман да се бориме за опстанок, но најважно од се е што успеавме да славиме во оваа бараж серија“, вели Марко Симоновски за ЕКИПА.

Предизвикот беше уште поголем ако се знае дека Црн Дрим славеше на првиот меч од серијата во Гевгелија, по што Симоновски и соиграчите се најдоа на „работ на амбисот“ нареден Втора лига. Сепак, Кожув собра сили и направи целосен пресврт, за заслужен опстанок во елитата.

„Искрено, убеден бев дека сме многу поквалитетен тим од Црн Дрим. Првиот меч го одигравме во грч, влогот беше огромен и тоа се одрази врз нашиот настап и доведе до неочекуван пораз. Дури и по тој натпревар јас бев убеден дека сме подобри и дека ќе направиме пресврт во серијата, останатите два меча ги одигравме многу поквалитетно и заслужено триумфиравме“, истакнува Симоновски.

Се вчитува...