Хет-трик: Карабатиќ и Неагу се број 1 за 2016 година

Никола Карабатиќ и Кристина Неагу се добитници на признанијата за најдобри светски ракометари за 2016 година во изборот што го организира ИХФ, што е трето вакво признание и за францускиот ас и за романската репрезентативка.

Како и при изборот на најдобар тренер, во предвид се земаа гласовите на експертите, новинарите и на фановите, при што Карабатиќ и Неагу освоија најголем број на гласови.

Членот на ПСЖ претходно се закити со ова признание во 2007 и во 2014 година, а во годинешниот избор го освои првото место пред Микел Хансен, кој стана олимписки првак со Данска, и ред Андреас Волф, кој ја предводеше Германија до европската круна на шампионатот што се одржа во Полска. Четвртата позиција му припадна на Домагој Дувњак, додека петторангиран е Сандер Сагосен од Норвешка.

Кристина Неагу, која летово од Будуќност ќе се пресели во ЧСМ Букурешт, дојде до признанието пред се благодарение на неверојатниот настап на последниот европски шампионат во Шведска. Романската репрезентативка го освои првото место пред Нора Мерк и Нике Грот, додека четвртопласирана беше Изабел Гулден, пред Кари Гримзбо. Неагу претходно ја добиваше наградата за најдобра светска ракометарка и во 2010 и во 2015 година.

Се вчитува...