Хјустон и без Харден го урна шампионот Голден Стејт (ВИДЕО)

И без најдобриот стрелец, Џејмс Харден, Хјустон ја доби дерби пресметката со НБА шампионот Голден Стејт со 118-112 во реприза на ланското финале на Западната конференција. Двете екипи имаа добри периоди, Хјустон одлично почна, Голден Стејт се врати, дури имаше и водство, но во завршниот период „рокетс“ достигнаа и двоцифрена предност која беше решавачка за триумфот. Голден Стејт успеа само да намали на четири поени негатива, не не и да направи комлетен пресврт.

Крис Пол со 23 поени беше најефикасен во победничкиот состав, Кенет Фарид постигна 20, а Пи Џеј Такер 18 поени. Кај Голден Стејт, Кевин Дурент беше прв стрелец со 29 поени, Стеф Кари постигна 25, а Клеј Томпсон 20.

Голден Стејт со биланс од 42/17 е лидер на Запад каде што Хјустон со ефект 34/25 е на петтата позиција.

За разлика од Голден Стејт, водечкиот тим на Исток и најсериозен конкурент за битка за титулата, Милвоки ја продолжи победничката серија. На крилата на стандардно одличниот Јанис Адетокумбо кој постигна 27 поени, а имаше и 10 скока и 7 асистенции, Милвоки ја победи Минесота со 140-128. Милвоки има ефект од 45/14 и е најдобриот тим во лигата.

Сакраменто забележа важна победа во трката за место во плеј-офот триумфирајќи над Оклахома со 119-116. Со ова „кралевите“ дојдоа до биланс 31/28 што е две победи помалку од осмопласираниот ЛА Клиперс. Сакраменто има натпревар помалку. Бади Хилд со 34 поени го предводеше Сакраменто до победата. Кај Оклахома која ја задржува третата позиција на Запад, Расел Вестбрук мечот го заврши со 41 поен.

Њу Орлеанс направи изненадување победувајќи без повредениот Ентони Дејвис во пресметката со Лос Анџелес Лејкерс со 128-112. Леброн Џејмс со 27 поени и 12 скока како и Брендон Инграм со 29 поени имаа одлични партии, но тоа не беше доволно да се спречи поразот од мотивираниот Њу Орлеанс. Лејкерс пропуштија можност да остварат победа која ќе им значеше многу во трката за место во разигрувањето. Џру Холидеј со 27 поени беше најефикасен во победата. Со поразот тимот на Леброн падна на под 50 проценти вкупен биланс и има скор 29/30 што е доволно само за 11. место во Западната конференција во која Њу Орлеанс е 13.

 

 

Се вчитува...