Хјустон ја размрдува НБА лигата, утре го отвора тренинг центарот

Хјустон ќе биде првата екипа од НБА лигата која ќе почне со тренинзи. Отворањето на салата го потврдува и генералниот менаџер на клубот, Дерил Мори. Хјустон ги прави првите чекори кон нормализирање на ситуацијата во НБА лигата која е во прекин од март откако беше забележан првиот случај на коронавирусот во Лигата.

Одлуката за отворање на тренинг центарот доаѓа откако властите во Тексас ги олабавија рестриктивните мерки кои беа во сила како начин на заштита од коронавирусот. Со оглед на најавите дека токму од понеделник ќе може да бидат отворени спортските сали, Хјустон реши да го врати тимот во погон.

Тренинзите сепак ќе бидат незадолжителни и играчите ќе имаат право на избор дали ќе бидат дел од нив. Тренажниот процес ќе се одвива по строги правила. Само четворица играчи ќе може да бидат на теренот во ист момент. Еден кошаркар може да работи само со еден тренер на дистанца од повеќе од три метри. Главниот тренер и неговите асистенти не смеат да бидат во објектот. Играчите ќе мора да носат маски, а ќе мора и да им бидат направени здравствени тестови.

Хјустон се наоѓа на петтото место на табелата во Западната конференција со биланс од 40 победи и 24 порази.

Се вчитува...