Хјустон погоди 26 тројки, Голден Стејт царува на „западот“

Хјустон со неверојатна шутерска изведба славеше на гостувањето против Сакраменто со убедливи 105-130, меч на кој „ракетите“ го израмнија сопствениот рекорд за оваа сезона од дури 26 погодени тројки. Џејмс Харден очекувано поворно беше најефикасен со 36 поени, Гордон и Хаус џуниор постигнаа по 19, а Фариед оствари дабл-дабл од 12 поени и 11 скокови.

За Хјустон ова беше 17. победа во последните 20 одиграни натпревари, со што „ракетите“ сега имаат минимална предност во однос на Портланд во трката за третото место во Западната конференција.

Како што стојат работите врвот повторно ќе му припадне на тимот на Голден Стејт вориорс, кој славеше во синоќешната пресметка со второпласираниот Денвер со резултат 116-102. Актелните прваци по првото полувреме имаа предност од 16 поени, потоа имаа и најубедливи „плус триесет“, како јасна порака кој е доминантна сила во НБА-лигата и оваа сезона како и во претходните неколку години.

Казинс го одигра најдобриот натпревар во дресот на Голден Стејт реализирајќи дабл-дабл од 28 поени и 12 скокови, додека Кевин Дурант имаше 21 поен до момент кога беше исклучен во третата четвртина. Мареј постигна 17, а Јокиќ само 10 поени за Денвер, кој сега заостанува две победи зад „воините“ во пресрет на плеј-офот.

Резултати НБА:

Оклахома сити – ЛА лејкерс 107-92, Сан Антонио – Атланта 117-111, Сакраменто – Хјустон 105-130, Голден Стејт – Денвер 116-102.

Се вчитува...