Хјустон продолжува да се бламира

Хјустон рокетс влезе во сезоната како тим со најголеми шанси да се носи со Голден Стејт во битката за титулата, но со очајните игри што ги прикажуваат „ракетите“ ќе имаат проблем воопшто да се пласираат во плејофот, камоли достојно да му парираат на актуелниот првак. Тимот предводен од Џејмс Харден синоќа гостуваше во Солт лејк сити, каде загуби од Јута џез со убедливи 118-91. „Џезерите“ во првата четвртина останаа без еден од своите клучни играчи, Руди Гобер, но и без негова помош им одржаа лекција на „ракетите“, кои никако не успеваат да најдат решение за своите проблеми.

Сите дилеми околу победникот беа разрешени со фуриозната трета четвртина што Јута ја доби со 30-11, стигнувајќи до преубедлива предност што домаќините рутински ја задржаа до самиот крај. „Резервистот“ Дерик Фејворс одигра одличен натпревар со дабл-дабл од 24 поени и 10 скокови, додека Џејмс Харден постигна 15 поени за Хјустон при овој пораз.

Бостон без многу мака стигна до победа на дуелот со Њујорк, триумирајќи со 128-100. Селтикси беа подобри во секоја од четирите четвртини и на крајот заслужено се радуваа на победата, предводени од Ирвинг со 22 и Браун со 21 постигнат поен.

Рутински триумф забележа и Портланд, лесно славејќи над Феникс со 108-86 благодарение на Лилард и неговите 25 поени.

Резултати:

Јута – Хјустон 118-91, Портланд – Феникс 108-86, Бостон – Њујорк 128-100.

Се вчитува...