Холандија бара нов селектор, Ван Гал главен фаворит

Холандската фудбалска репрезентација го допира дното откако по неуспехот во квалификациите за ЕВРО 2016, „лалињата“ сега се соочуваат со сериозна опасност да не се најдат ниту на списокот на патници за претстојниот мундијал во Русија. Холанѓаните по поразот од Бугарија паднаа на четвртото место во својата група, селекторот Дени Блинд доби отказ од функцијата, а челниците на федерацијата веќе ја стартуваа потрагата по нов селектор.

Како што јавува тиражниот весник „Де Телеграф“, поранешниот селектор Луј ван Гал е главен фаворит во трката за нов селектор, особено откако неговиот ривал Роналд Куман веднаш отфрлил превземање на репрезентацијата фокусирајќи се на својата работа во Евертон. Токму под водство на Ван Гал Холандија стигна до полуфиналето од последното СП во Бразил, а по неговото заминување почна и „слободниот пад“ на „лалињата“ на резултатски план. Во меѓувреме Ван Гал доби отказ од Манчестер јунајтед и моментно е без ангажман, па челниците на Холандската Федерација во него гледаат како на идеално решение за враќање на победничкиот дух во националниот тим.

Дури доколку не успеат да се договорат со Ван Гал, „лалињата“ ќе почнат разговори со останатите кандидати, меѓу кои најзвучни имиња се Франк де Бур, Хенк Тен Кате и Јирген Клинсман.

Се вчитува...