Најдобрите македонски одбојкари загубија со 0-3 (19-25, 21-25, 22-25) од Холандија на отворањето на Европската лига 2026 пред својата публика во салата „Парк“ во Струмица.
„Лалињата“ важеа за фаворити и ја потврдија таквата улога на теренот и покрај тоа што избраниците на селекторот Јошко Миленкоски дадоа се од себе за соодветно да му парираат на ривалот.

Македонските репрезентативци влегоа сигурно во мечот и играа поен за поен со Холанѓаните се до 8-8. Покрај стандардните Никола и Ѓорѓи Ѓоргиеви, средните блокери Маџунков и Савовски и либерото Ричлиев, убаво освежување во поставата беа Лука Костиќ и Стојан Илиев, како и второто либеро Филип Јованов.
Делуваше екипата стабилно на теренот, но во моментите кога не успеваше да го скроти противничкиот сервис Холандија ја направи првата серија од 0-3 (8-11), а потоа проблем беше да се запрат и средните блокери и се најдовме на највисока негатива од пет поени 12-17. Селекторот Миленкоски реагираше со тајм-аут, „проработе“ и блокот, во нападот бевме трпеливи (според посакуваното) и се доближи Македонија на 17-20. Не најдоа решение за противникот во финишот на мечот нашите одбојкари и со 19-25 го загубија сетот.

Во продолжението играше Македонија уште похрабро и понуди силен отпор не дозволувајќи „лалињата“ да се опуштат ниту во еден момент. Селекторот Миленкоски комбинираше на примачката дијагонала и им даде шанса во игра на сите што ги имаше на располагање.
Факт е дека Македонија постојано беше во позиција да брка резултат, но секогаш наоѓаше начин како да остане во игра и да му пркоси на фаворитот. По голема борба ги загубивме и другите два сета, а со тоа и мечот.

Капитенот Никола Ѓоргиев со 11 поени беше најефикасен, следен од Стојан Илиев со осум поени, додека Лука Костиќ и Филип Савовски имаа по шест поени, а Филип Маџунков реализираше пет поени.
Вториот натпревар на турнирот во Струмица, Македонија го игра в недела кога ќе го пречека Луксембург, во 19 часот, во салата „Парк“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
