Хорхе Мартин со рекорд до пол позиција во В. Британија

Хорхе Мартин ја освои пол-позицијата за Големата награда на Велика Британија во Мото ГП шампионатот, откако во драматичната завршница на квалификациите постави нов рекорд на патеката „Силверстоун“.

Возачот на Априлија забележа време од 1:56.160 минути, што беше доволно за првото место, со само 21 илјадитинка предност пред неговиот тимски колега Раул Фернандез.

Априлија имаше неверојатен настап во квалификациите, бидејќи сите три места во првиот стартен ред ги освоија нејзините возачи. Трет беше Аи Огура, кој заостана 189 илјадитинки зад Мартин.

До самиот финиш на Q2 се водеше голема борба за пол-позицијата. Марко Бечеки, Фернандез и Огура во различни моменти беа на врвот, но Мартин во последниот обид успеа да пронајде дополнителна брзина и да го постави најдоброто време.

Со тоа Шпанецот го собори рекордот што само еден ден претходно го постави Марко Бечеки. Италијанецот во петокот возеше 1:56.280, но Мартин сега беше побрз за 120 илјадитинки.

Така, Априлија испиша историско поглавје на Силверстоун, освојувајќи ги сите три позиции во првиот стартен ред, додека Мартин во најдобар момент покажа дека има темпо за борба за победата на утрешната трка.

Се вчитува...