Колстад славеше над Елверум со 31-28 во третиот финален меч од норвешкиот плејоф и се закити со титулата, но овој натпревар мина во знакот на страшната сцена кога тренерот на Колстад, Кристијан Берге, колабираше на клупата на својот тим.
Веднаш се создаде паника, ракометарите со бели чаршафи го заградија просторот каде лекарите се бореа за животот на тренерот, на крајот успевајќи да го вратат. Норвешките медиуми доцна синоќа информираа дека врз Берге била извршена дефибрилација, по што тој се вратил во живот и сега е во стабилна состојба.
Берге дури и дал кратка изјава за норвешката „ТВ2“, откривајќи дека и во минатото имал проблеми со срцето, верувал дека го контролира тој проблем, но сега веќе е свесен колку е сериозна работата.
„Ракометот сега делува толку неважно… Сите мисли ни се со Кристијан“, изјави асистентот во стручниот штаб на Колстад, Стијан Гомо.
Врз тренерот на Колстад во следните денови ќе бидат извршени детални прегледи, по што ќе биде утврдено дали тој ќе мора да оди на операција и дали воопшто ќе може да се врати на тренерскиот занает.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА