Ракометниот шампион на Македонија Е. Пелистер иако одигра храбро немаше сила за изненадување против актуелниот европски шампион Магдебург, откако вечерва загуби на домашен терен со 26-31 во натпревар од 9. коло од новата сезона во Лигата на шампионите.
Македонскиот тим солидно го стартуваше натпреварот па по првата четвртина од натпреварот успеа да е на негатива од само два гола против големиот фаворит 5-7. Во следниот период следуваше пад на нашиот шампион, па Германците во 23. минута успеаја да стигнат до плус пет 8-13.
До крајот на првиот дел „зелено-белите“ успеаја да намалат на 12-15, благодарение и на Давид Брестовац кој успеа да му одбрани пенал на Магнусон и со тоа да го остави својот тим на негатива од три гола.
Актуелниот европски шампион силно го почна второто полувреме па во 45. минута некаде стигна и до највисоките плус седум 16-23. Во продолжението Филип Кузмановски успеа да заигра на високо ниво, па во 53. минута пелистерци имаа негатива од само четири гола 22-26. До крајот бундеслигашот успеа да ја задржи предноста за конечен триумф од 26-31.
Богдан Радивојевиќ и Дејан Манасков со по пет гола беа најефикасни кај нашиот тим, додека Никола Митревски забележа 11 интервенции. Кај победникот Јенсен заврши со шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

