Хрватите најавуваат: Нема услови за АБА-лига сезонава

Лесно може да се случи сезоната 2020/21 во АБА-лигата воопшто да не се одигра, пишува хратскиот весник „Јутарњи Лист“ во своето денешно издание. Стартот на регионалното кошаркарско натпреварување веќе е одложен, од средината на септември за почетокот на октомври, но како што се ближи терминот така се поголеми се стравувањата дека нема да постојат услови за патување и меѓународна кошарка.

„Проблем се границите и минувањето од една во друга држава, на сите им е јасно дека ако ситуацијата и за еден до два месеци биде како денеска, лигата нема да стартува. Веќе еднаш беше одложена, се шпекулира со ново одлагање до декември, но нема гаранција дека и тогаш состојбата ќе се нормализира и ќе може да се игра кошарка“, пишува „Јутарњи Лист“.

Веќе е донесен протоколот за натпревари кој предвидува тестирања пред секое коло врз кошаркарите и сите членови на стручниот штаб, а главниот проблем е што трошоците би паднале врз клубовите.

„Во Шпанија, во Германија, за НБА и да не говориме, самите лиги ги подмирија трошоците за тестирање. Проблемот е во тоа што АБА нема пари, зависи исклучиво од ТВ-правата од договорот со Арена Спорт, но и тие пари не се стигнати поради целокупната неизвесност околу иднината на лигата. Така, клубовите ќе треба да ги платат своите тестови, а при такво интезивно тестирање сите екипи, дури и оние во АБА2, ќе мора да издвојат најмалку по 50.000 евра само за тоа. Главен плус на АБА е што ова е бесплатна лига, но ако некој во старт влегува со минус од минимум 50.000 евра, јасно е дека постои проблем“, предупредуваат Хрватите.

Мак-баскетот сезонава требаше да има два претставници во АБА2-лигата, МЗТ Скопје и Работнички, но како што се ближи времето на старт на сезоната, се поголема е неизвесноста дали воопшто ќе постои АБА-лига во 2020/21.

Се вчитува...