Хрватите стравуваат од најлошото сценарио за ЕП: Ако Италија не ја победи Македонија…

Англиската репрезентација официјално е првата во групата „Ц“ која го осигура пласманот на Европското првенство идната година во Германија. Англија во Скопје ќе дојде на „екскурзија“ на 20 ноември, со оглед дека претходно со триумф против Малта ќе го осигура и првото место во групата.

Меѓутоа големо прашање е кој од Италија и од Украина ќе биде вториот од групата кој ќе замине на ЕВРО 2024. Италија игра со Македонија дома и со Украина на гости, а ако сака да биде блиску до ЕП, тогаш во Рим ќе мора да го совлада составот на Македонија, а потоа само да не загуби од Украина. Доколку Италија не ја победи Македонија, тогаш нужно ќе и треба победа над Украина на гости. Сите знаеме каква е историјата на дуелите меѓу Италија и Македонија.

Токму од такво најлошо сценарио стравуваат и хрватските репрезентативци. Доколку Италија не успее да се пласира директно на Европското првенство, тогаш тоа ќе го прави преку Лигата на Нации. А, таму може да се најде и Хрватска која загуби два меча по ред, и така сега „виси“ за пласман на ЕВРО преку квалификациите, и токму овие две селекции да се најдат во директна бараж пресметка за пласман на идното ЕП.

Стравувањата на Хрватите се оправдани, ако се има во предвид дека Италија ја нема победено Македонија на домашно тло (едно реми во Торино и пораз во Палермо за баражот за СП во Катар). Па така одолее ли Македонија на 17. ноември во Рим, тогаш Хрватска ќе мора полека да се помирува со судбината дека ќе има пеколен бараж за пласман на ЕП. Токму од тука речиси цела Хрватска ќе навива за Италија на дуелот со Македонија. Доколку Италија остане третопласирана, тогаш во баражот можеме да очекуваме пресметка меѓу европскиот првак и светската селекција број три за заминување на ЕВРО. Еден „титан“ ќе мора да остане дома.

Јасно е дека Македонија веќе нема никакви шанси за пласман на ЕП, но јасно е дека избраниците на Благоја Милевски ќе дадат се од себе да се прикажат во уште едно светло издание против Италија, како што беше тоа во Скопје. Еден од најголемите виновници што „Азурите“ се најдоа во ваква ситуација е и Македонија која во Скопје му „откина“ два бода на фаворитот и одигра 1-1.

Се вчитува...