Скандалозниот однос на АЕК и неодиграниот натпревар во Скопје против Алкалоид е тема не само во македонскиот и грчкиот медиумски простор.
Така, еминентниот хрватски ракометен новинар Дражен Пиневиќ во својата колумна за „Спортске Новости“ јасно стави до знаење каков е неговиот став за овој ракометен скандал, кој се случи во истиот викенд во кој во арената во Хамбург беше сведоци на спектакуларен фајналфор на ЕХФ Европската Лига.
Колумната насловена „Еден викенд, од спектакл до срамота: Екипа одби да излезе на паркет во европско финале“, е посветена на спектаклот во Хамбург, но и на големиот грчки срам во Скопје. Во неа, Пиневиќ јасно става до знаење дека вината ја гледа кај гостинскиот тим, потсетува на нивниот неодамнешен скандал со Партизан, но и испраќа порака до ЕХФ дека мора со цврст став да ги искорени ваквите појави од ракометот.
„Минатиот викенд во ракометна Европа донесе дел од спектакл, но и срамота за овој спорт што ја урива сликата на ракометот и крајно време е некој тоа конечно да го прекине во 21. век… Додека на едната страна имавме совршена ракометна слика, на другата видовме уште една шлаканица и приказна поради која овој спорт не може да биде сметан за сериозен. Имено, финалето во Скопје, реваншот меѓу Алкалоид и грчки АЕК не беше одигран бидејќи АЕК не бил задоволен од третманот и одби да излезе на терен… Што и да е причината, таков циркус не и е потребен на ракометна Европа. Во 21. век е крајно време да се стави крај на таквите појави. Неодамна имавме случај на дуелот АЕК – Партизан, кога сите се жалеа на нерегуларност бидејќи реваншот не беше игран во Белград, туку во Бугарија, неколку дена надвор од календарот на ЕХФ. Таквите работи не служат за ништо добро, крајно време е ЕХФ на драстичен начин да заврши со таквите приказно. Кого воопшто го интересира зошто нешто што е планирано, не е одиграно поради вакви причини. Тоа само ЕХФ може и мора да го прекине. Бидејќи само кога ќе ставите на вага две работи што ги видовме минатиот викенд, ќе видите колку е нужно да се заштити спортот од кој живеат. Тука нема компромис“, дециден е хрватскиот новинар Дражен Пиневиќ.
Очигледно, ставот на македонската јавност го делат сите… освен луѓето од ЕХФ, кои наместо жестоко да го казнат АЕК, во истрагата го вклучија и Алкалоид, иако македонскиот тим е апсолутно без вина и наместо да биде крунисан за игра на терен, неправедно се доведува во ситуација да биде под истрага на европската куќа на ракометот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА