Хрватска наскоро добива патека за Формула 1!

Меѓународната тркачка патека „Кроација Ринг“ треба да стане центар на хрватскиот мотоспорт, како и нова туристичка атракција за Хрватска и за Балканот. Комплексот, кој потенцијално би можел да биде домаќин на трки од Формула 1, се планира да се гради северно од Слуњ во Карловачката жупанија, пишува „Форбс Кроација“.

Тркачката патека би била проектирана според највисоките стандарди на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), а проектот е вклучен во листата на стратешки инвестициски проекти на Република Хрватска. Планираната локација се наоѓа во областа на градот Слуњ.

„Конечно имаме решение и сум многу задоволен од постапката, која беше многу сложена, а со која навистина се докажавме и успеавме да одговориме на сите барања на професијата и министерството. Сега продолжуваме понатаму. Бидејќи ова е голем проект кој, сигурен сум, носи придобивки и за Карловачката жупанија и за цела Република Хрватска – изјави за „Форбс Кроација“ Даворин Штетнер , раководител на проектот.

Според студијата за заштита на животната средина што штотуку беше одобрена, планирана е изградба на 50 хектари, од кои 40 хектари би биле окупирани од зоната на автомотодром со тркачка патека, падок, сервисни објекти и придружна инфраструктура. Останатите 10 хектари би се користеле за туристички и угостителски објекти, додека постојните станбени згради и колиби веќе се купени или ќе бидат предмет на постапка за експропријација.

Патеката би била долга 4,2 километри, со 12 свиоци и висинска разлика од повеќе од 34 метри, а би била наменета за автомобилски и мотоциклистички натпревари, тестирање на возила, автошколи и комерцијални настани.

Покрај тоа, проектот вклучува и бутик хотел, луксузни апартмани, хотели, ресторани, изложбен простор, ВИП зони, медиумски центар и дополнителни сместувачки капацитети кои би можеле да примат околу 520 гости дневно, додека речиси 18 илјади гледачи би можеле да бидат присутни на големите трки.

Се предвидува дека за изградба ќе треба да се ископаат повеќе од 1,18 милиони кубни метри материјал, а повеќе од 60 проценти од вкупната површина на комплексот треба да остане под зелени површини.

Се вчитува...