Хуан Фелипе добива македонски пасош…, за настап во репрезентацијата ќе почека!

Еден од најдобрите фудбалери во македонскиот шампионат, Бразилецот од Вардар, Хуан Фелипе е пред добивање македонски пасош. Сето тоа, како што вели и самиот Фелипе, во насока за добивање можност и за настап во дресот на македонската репрезентација… Иако, е сосема јасно дека за еден таков чин ќе мора да чека пет години!

За време на летната пауза и престојот во својот Бразил, 29-годишниот Фелипе и во интервју за бразилска телевизија потврди дека кај него постои желба и за настап за репрезентацијата на Македонија. Процедурата за добивање пасош е веројатна и како начин за „олеснување“ на Вардар кој би добил отворено место за нови странци во својот клуб. Но, Фелипе не крие дека доколку постои шанса нема против да игра за Македонија…

„Јас го продолжив договорот со Вардар на уште нови три години, така да ќе имам тука вкупен престој од пет години колку што е неопходно да се здобиете со дозвола од ФИФА за настап за репрезентација од друга земја. Навистина ми е убаво во Македонија, одлична земја за живот со прекрасни луѓе. Уште се чувствувам способен за врвен фудбал, а да бидеме реални и првенството во Македонија овозможува да играте фудбал и до 40 години“ – вели Фелипе во разговорот за „АМ10 Спортс“.

Со желбата за добивање македонски пасош на Хуан Фелипе е запознаен и селекторот Игор Ангеловски кој, сепак, потенцира дека додека добие Бразилецот можност за настап за Македонија веќе ќе има 33 години. А, тогаш прашање е колку би ни бил корисен.

„Ја разгледувавме претходно можноста Хуан Фелипе да игра за македонската репрезентација, откако и самиот изрази желба за тоа. Секако, се работи за квалитетен фудбалер, еден од најдобрите во македонското првенство… Но, согласно правилата на ФИФА, тој може да добие право за настап само преку петгодишен престој и настап во Македонија. А, тоа ќе биде после 2020 година. Така да сега илузорно е да зборуваме што би било после три-четири години“ – ни изјави селекторот Ангеловски, дополнувајќи дека сега фокусот за креирање на новиот изглед на македонската репрезентација е околу младите фудбалери.

„Јас и претходно секогаш нагласував дека темелот на новата репрезентација ќе биде околу младите репрезентативци кои ни го донесоа најголемиот успех во историјата. Сега од септември веќе целосно ќе може да сметаме на сите расположиви сили, и секако ќе има повик за добар дел од нив“ – вели македонскиот селектор.

Се вчитува...