И Американците на колена, Франција во полуфиналето

Франција успеа да го направи најголемото изненадување на Светското првенство во Кина, откако во четвртфиналето успеа да ги порази Соединетите американски држави со 89-79.

Натпреварот започна израмнето, цела прва четвртина се играше кош за кош, а по 10. минути резултатот на семафорот изнесуваше 18-18. Одлична игра на Французите во втората четвртина, кои предводени од Еван Фурние и Руди Гобер во неколку наврати имаа и плус седум, а на 20 секунди до крајот на полувремето со слободните на Нандо де Коло, Франција стигна и до највисоки плус осум (37-45). Следуваа два поени на Донован Мичел, по кои на полувреме се замина со предност на Франција од (39-45).

Избраниците на Винсент Коле одлично го отворија и второто полувреме, а во 33. минута стигна до највисоките плус десет (43-53). Грег Попович уште еднаш покажа дека е еден од најголемите тренери на сите времиња, откако по неговиот тајм-аут Американците заиграа одлично и предводени од Донован Мичел, до крајот на третиот период успеаја да направат пресврт и да поведат со (66-63). Американците подобро го отворија и последниот период, а во 32. минута стигнаа и до највисоките плус седум (74-67). Американците повторно почнаа да промашуваат, а Франција со одлична игра во одбраната на две минути до крајот успеа да стигне до предност од плус шест (76-82).

Натпреварот влезе во пенал завршница во која Смарт и Вокер промашија пет од изведените шест слободни, за конечна победа на Французите од 89-79.

Еван Фурние со 22 поени, и Руди Гобер со 21 поен беа најдобри во францускиот меч, додека кај Американците најдобар беше Мичел со 29 поени.

Се вчитува...