И фудбал и бизнис: Како Аталанта заработи 85 милиони од само шест настапи

Во модерниот фудбал „парите го вртат светот“. Оној кој има повеќе пари има и повеќе шанси да дојде до титула или воопшто да игра на големата сцена, а на „малите“ клубови им останува само елементот на изненадување. Во Лигата на Шампионите пред две сезони тоа беше Ајакс, додека претходната сезона тоа беше Аталанта.

Италијанскиот клуб ги илустрираше предностите од комбинација на плодна академија и добра трансфер стратегија па стигна и до четвртфиналето во најелитното фудбалско натпреварување, а заработи и вртоглава сума на пари, дури и од играчи кои забележаа скромен број на настапи за овој тим.

Дел од нив е и несудениот македонски репрезентативец, Дејан Кулушевски кој во Бергамо пристигна од Бромапојкарна во 2018 година за само 100.000 евра, забележа само три настапи за „сино-црните“, а беше продаден на Јувентус за сума која може да достигне до 44 милиони евра.

Тука е и случајот на Амад Диало. 18-годишниот крилен играч потекнува од младинската школа на Аталанта, забележа само три настапа за сениорскиот состав, а во јануари ќе биде продаде на Манчестер Јунајтед за 21 милион, сума која со дополнителни бонуси може да стигне до 41 милион.

Овие два трансфера кои се вредни 85 милиони евра, се само дел од бројните играчи кои поминаа низ „погонот“ на Аталанта. Тука се и Франк Кеси (28 милиони), Андреа Конти (24 милиони), Роберто Гаглиардини (22 милиони), Матија Калдера (15 милиони), Алесандро Бастони (31 милион) и Муса Бароу (13 милиони), кои донесоа вкупен профит од 133 милиони евра.

Се вчитува...