И резервите почнаа да им откажуваат на Американците

Американскиот состав нема да делува непобедливо на претстојниот кошаркарски Мундијал во Кина, откако на бројните откази од најголемите „ѕвезди“ во НБА-лигата почнаа да се надоврзуваат и оние играчи кои беа повикани како резерви на нивно место. Така, на четири дена до стартот на тренинг-кампот на селекторот Попович му беше соопштено дека нема да може да смета на уште двајца кошаркари, и тоа Андре Драмонд од Детроит и Монтрецл Херел од ЛА Клиперс.

Особено проблематично е неиграњето на центарот Драмонд, од кого се очекуваше да биде еден од лидерите на „реновираниот дрим-тим“, но сега и тој ја остави националната селекција на цедило. На нивно место повикани се Бам Адебајо од Мајами и Џерен Џексон од Мемфис, двајца кошаркари кои со квалитетите и реномето никогаш не би биле дел од американската репрезентација доколку немаше толку многу откази во текот на летово.

Само за потсетување, претходно учеството на СП во Кина го откажаа Ентони Дејвис, Бредли Бил, Ерик Гордон, Џејмс Харден, Тобајас Херис, Демијан Лилард, Пол Милсап, Си-Џеј Меколум и Кевин Лав. Дополнително беше повикан 35-годишниот шутер Џеј-Џеј-Редик, но и тој го откачи селекторот Попович со смешен изговор – има обврски бидејќи мора да се сели.

Мундијалот во Кина стартува на 31 август, а САД се наоѓа во група со Турција, Чешка и со Јапонија.

Се вчитува...