И со „скромен“ Дончиќ, Далас ги победи Клиперс (ВИДЕО)

Далас ја искористи исклучително лошата форма во која периодов се наоѓа Лос Анџелес Клиперс за да ја прекине серијата од четири последовни порази. Славеше со 106-98 и им го нанесе на Клиперс шестиот пораз на последните седум дуели.

Прв стрелец во победата беше Херисон Барнс кој постигна 20 поени. Лука Дончиќ постигна 17 поени, но имаше исклучително лоша шутерска ноќ. Од поле имаше 5 од 15, а ги промаши и сите осум обиди за три поени.

Клиперс остануваат осми на Запад со биланс 25/22, додека Далас е дури 13. со негативен скор, 21/26.

Пол Џорџ и Расел Вестбрук ја предводеа Оклахома до триумф од 123-114 во западното дерби со Портланд. Џорџ кој игра одлична сезона постигна 36 поени, додека Вестбрук имаше трипл-дабл ефект од 29 поени, 10 скока и 14 додавања. Кај Портланд, Демијан Лилард беше предводник на нападот со 34 поени, Сиџеј Меккалум постигна 31.

Оклахома е третопласирана во Западната конференција со 29 победи и 18 порази, Портланд е на четвртото место со идентичен број победи, но за пораз повеќе.

Второпласираниот тим на Исток, Торонто врза серија од три последовни победи и одржува чекор со лидерот Милвоки откако забележа убедлив триумф од 120-105 над Сакраменто, а на последниот ноќешен дуел, Минесота славеше на гостувањето кај Феникс со 118-91.

Се вчитува...