И втор убедлив пораз на кошаркарките во квалификациите за ЕП (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија доживеа и втор убедлив пораз во 2. коло од квалификациската група за пласман на ЕП. Македонските кошаркарки по поразот на гостувањето во Германија, овој пат загубија во Скопје од селекцијата на Летонија со 39-98 (4-25, 7-21, 19-27, 9-25).

Од самиот почеток на натпреварот гостинките јасно покажаа дека без милост ќе играат кон македонскиот национален тим кој повторно играше без пет стандардни првотимки. Па младите кошаркарки немаа сила да им парираат на расположените Летонки.

Единствено македонските кошаркарки парираа во третиот период од играта кој го загубивме со „само“ осум поени разлика.

Најефикасна во македонскиот состав беше Илина Селцова со 11 поени, а Ивана Кметовски мечот го заврши со 8 поени. Шест поени запиша Софија Лазареска, а по пет постигна Наталија Секуловска и Нена Трајчевска. Најефикасна во победничкиот тим беше Елина Бабкина со 22 поени.

Во вториот натпревар од групата, Хрватска пред своите навивачи славеше против Германија со 93-86. Хрватска е прва во групата со две победи, Германија и Летонија имаат по една од два меча, а Македонија е последна со два порази.

Се вчитува...