Ибраими: Македонија и Словенија го имаат истиот проблем…

Агим Ибраими своите најблескави моменти во кариерата ги мина токму во словенечкиот фудбал, па јасно е зошто поранешниот ас на Марибор се најде во центарот на вниманието во пресрет на денешниот меч во Љубљана.

„Факт е дека групата е силна, а ние очекуваме бодови токму против Словенија. Фудбалерите се мотивирани, но тоа не значи дека ќе биде лесно… Мислам дека Македонија и Словенија имаат сличен проблем, не можат да ја најдат вистинската формација, идалниот прв тим… и тоа треба да се анализира внимателно. Мојот став е дека не може да се гради кариера преку репрезентацијата, ако не си стандарден во клубот, не можеш да бидеш во посакуваното ниво ни во националниот тим. Двете репрезентации исто така имаат нови селектори, сите играчи сакаат да се докажат пред нив. Словенците не беа доволно опасни во првиот меч со Шкотска, исто како и Македонија против Швајцарија“, вели Ибраими.

Потоа, тој се осврна и на нашиот натпревар со Швајцарија на кој македонскиот национален тим беше целосно надигран.

„Дуелот со Швајцарија беше многу лош, гостите играа рутински, а ние правевме индивидуални грешки по кои е невозможно да се вратите кога имате така силен ривал од спротивната страна. Мислам дека селекторот ќе направи одредени измени, вистината е како што реков – клубовите не се на своето ниво во клубовите и потоа тоа се одразува и врз нивните игри во репрезентацијата. Против Швајцарија почнавме со двајца високи напаѓаччи кои не помагаа во одбраната, да ја покријат средината од теренот при нападите на Швајцарија, затоа противникот делуваше така доминантно. Верувам дека против Словенија ќе биде поинаку, ќе бидеме поопасни пред противничкиот гол“, истакнува Агим Ибраими.

Се вчитува...