Играме за Гранде Пандев, за себе, за Македонија…!

ЕКИПА во Амстердам

Македонската репрезентација денеска од 18 часот на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам против Холандија го игра последниот натпревар на ЕВРО 2020, на дебитансткото свое учество во историјата на едно големо фудбалско натпреварување. Натпревар кој е од посебно значење за македонскиот фудбал ако се знае и дека е последен во репрезентативната кариера за најдобриот македонски фудбалер, капитенот Горан Пандев.

Токму затоа единствено е мислење кај сите поединци во националниот тим дека денеска во Амстердам ќе се игра најпрво за Гранде, па за себе, за Македонија и за потврда на квалитетите на оваа генерација која се чини, согласно индивидуалните потенцијали, може и многу повеќе од само учество на едно европско првенство.

„Среќен сум што се збогувам на еден ваков начин, на едно големо натпреварување. Среќен сум што се повлекувам на ваков начин со натпревар против една Холандија и тоа на славната ’Јохан Кројф арена’. Може да кажам дека подобро збогување од дресот на еден дуел против Македонија, на Европско првенство не можев и да посакам. Има емоции но знам како да се носам со нив. Среќен сум што Македонија играше на едно големо натпреварување и дај боже утре сето тоа да го заокружам со еден позитивен резултат“ – вели капитенот Пандев полн емоции пред денешниот натпревар.

А, македонската спортска јавност очекува и поофанзивна ориентација против „лалињата“ во однос на претходните два натпревари, иако селекторот Игор Ангеловски не се согласува дека поставеноста на играта и изместените позиции на одредени репрезентативци е импровизација.

„Не се согласувам со медиумите дека сме имале импровизации во составот, затоа што тој импровизиран состав со Ристовски како стопер или Николов на десната позиција ни донесе победа над Германија, ни донесе реми со Италија, ни донесе реми со Словенија и уште многу позитивни резултати. Против Холандија сега можеби ќе менуваме нешто но сето тоа и во функција на желбата со позитивен резултат да го завршиме првенството. Сега, со најавата за повлекување на Горан од репрезентативниот дрес, имаме уште еден мотив плус за позитивен резултат. Горан поради повредата која ја чувствуваше пред мечот со Украина, кој го одигра со две инјекции, не тренираше изминативе два дена. Но, може да кажам дека утре ќе игра. И сите верувам ќе играат за него“ – вели Ангеловски.

Македонија, во секој случај, посакува со први историски бодови од едно сениорско европско првенство да се збогува од ЕВРО 2020. Како сеќавање на моментите кои означуваат почеток можеби во иднина и на едно нова фудбалска Македонија.

Се вчитува...