Игуаин остана „тивок“, но Јуве освои бод во Неапол

Наполи и Јувентус ги поделија бодовите на вечерашното дерби во Неапол, кое заврши без победник, 1-1. Гонзало Игуаин беше невообичаено „тивок“ на камбекот против својот поранешен клуб, но и без помошта на својот најдобар напаѓач лидерот успеа во зацртаната цел – да остане непоразен и да ја одржи солидната предност во однос на второпласираната Рома која сега изнесува шест бода.

Јувентус извонредно го почна големото дерби, експресно стигнувајќи во водство преку Сами Кедира. Германскиот репрезентативец прифати една топка на триесетина метри од противничкиот гол, се упати кон шеснаесетникот, па по двојното додавање со Пјаниќ рутински ја смести топката во мрежата. Раното водство им овозможи на гостите да се повлечат, па Наполи ја контролираше играта до крајот на полувремето. Хамшик, Мертенс и Инсиње сите имаа шанси за израмнување, но ниту еден од тројцата одлични фудбалери на домашниот тим не успеа да го совлада Буфон.

Тоа во вториот дел конечно му појде од нога на капитенот Хамшик, кој по додавањето од Мертенс со прекрасен удар од петнаесетина метри ја смести топката под гредата, за израмнување на 1-1 и еуфорија на стадионот во Неапол. Избраниците на Алегри очигледно беа задоволни и од ваквиот резултат, па мудро ја исконтролираа играта во преостанатите триесетина минути, освојувајќи еден бод на жешкиот терен на „наполитанците“.

Јувентус со ова реми има 74 бода, шест повеќе од второпласираната Рома, додека Наполи остана на третото место со вкупно 64 бода на своето салдо.

0-1 Sami Khedira Goal 02.04.2017 HD by eurofoot4

Marek Hamsik Goal HD – Napoli 1-1 Juventus 02… by arcturusmedia33

Се вчитува...