Иличиќ е паднат во депресија, не се знае дали пак ќе игра фудбал

Јосип Иличиќ имаше извонредна сезона во дресот на Аталанта, на 34 средби во сите натпреварувања постигна 21 гол и имаше седум асистенции, но словенечкиот ас во последниот месец не му беше на располагање на тренерот Гасперини. Стратегот на Аталанта се пожали што за клучниот дуел со ПСЖ нема да може да смета на одличниот крилен офанзивец, не обелоденувајќи кога би можел повторно да се врати на терените, а последните информации говорат дека проблемот со Иличиќ е крајно сериозен.

Словенецот се мачи со депресија, по мрачните месеци во Бергамо за време на корона-хаосот. Во меѓувреме тренерот Гасперини и соиграчите се обиделе да му помогнат на Иличиќ, но Словенецот се повеќе се затворал кон себе, избегнувајќи контакт дури и со најблиските.

Аталанта неодамна објави дека тој се вратил назад во татковината и дека нема да игра против ПСЖ, а нејасно е кога тој би се вратил назад во Бергамо.

„Во тимот на Аталанта се стравува за состојбата на Иличиќ, кој е во длабока депресија. Сите се надеваат дека ќе успее да се опорави бидејќи проблемот воопшто не е наивен“, информираат италијанските медиуми.

Се вчитува...