Илиевски: Брегалница може до своето трето полуфинале во Купот на Македонија

Брегалница со предност од 1-0 од првиот натпревар во Штип денеска од 14 часот на Градскиот стадион во Струга го очекува реванш-четвртфиналниот натпревар со Лабуништа во Купот на Македонија.

„Сините“ од вчера се во карантин покрај Охридското езеро. Шефот на стручниот штаб, Добринко Илиевски верува дека неговите избраници ќе одиграат согласно формата од стартот на пролетниот дел па на крајот Брегалница ќе се радува на посакуваниот пласман во полуфиналето од Купот.

„Имаме предност од првиот натпревар па ќе направиме се за да се пласираме во полуфиналето од Купот на Македонија. Одиме максимално подготвени во Струга, силно мотивирани за надигрување. Лабуништа е навистина квалитетна екипа за која носиме огромен респект, но ние сме во добра форма, комплетни сме и навистина сум оптимист пред овој натпревар“ – вели Илиевски во изјава за официјалната интернет страница на клубот.

Брегалница денеска го брка своето трето полуфинале во Купот, во независна Македонија. „Сините“ веруваат дека уште еднаш може да изборат место меѓу најдобрите четири екипи во најмасовното домашно клупско натпреварување.

Стојанче Трпчевски од Кавадарци ќе биде главен судија на утрешниот натпревар, а ќе му помагаат Илија Гонев од Неготино и Драган Трпчевски од Кавадарци. Четврти судија ќе биде Игор Иванов од Велес. Делегат на натпреварот ќе биде Славчо Ѓорѓиоски од Прилеп а контролор – Марјан Ристески од Кичево.

Натпреварот, согласно препораката од Владата за превенција поради коронавирусот, повторно ќе се игра без присуство на публика.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ЧЕТВРТФИНАЛЕ (реванш натпревари – денеска, 14 ч.)
Струга: ЛАБУНИШТА – БРЕГАЛНИЦА (0-1)
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА (1-1)
Тетово: РЕНОВА – СТРУГА ТЛ (0-0)
Струмица: АК. ПАНДЕВ – ШКУПИ (1-0)
* Во заградите се резултатите од првите натпревари

Се вчитува...