Илиевски: Финалето е голем успех, ќе сториме се за да го изненадиме МЗТ Скопје

Пелистер ќе го игра своето прво финале во кошаркарскиот плејоф во клупската историја, откако ја мина полуфиналната пречка наречена Еуро Никел и се пласираше за битките со бранителот на трофејот МЗТ Скопје.

Во пресрет на отворањето на финалната серија, тренерот Марјан Илиевски не го крие задоволството од оствареното во досегашниот дел од сезоната.

„Зад нас е квалитетна полуфинална серија против екипата на Еуро Никел, која има исклучително квалитетен состав. Бевме на висина на задачата и успеавме да стигнеме до финалето, а пеколниот ритам на натпревари продолжува со денешниот прв меч со МЗТ Скопје. Самиот пласман во финалето е голем успех за Пелистер, но тоа не значи дека сега ќе се откажеме. Напротив, ќе сториме се за да го изненадиме МЗТ, иако е јасно дека домаќините ќе имаат блага предност, не само поради домашниот терен, туку и фактот дека имаа два дена повеќе за одмор и подготовка за ова финале“, истакна Илиевски.

Пелистер ги доби првите две овосезонски средби со МЗТ Скопје во Првата лига, но „металците“ се реваншираа со два триумфи во Супер-лигата.

„Мислам дека Војдан Стојановски беше последното парче во мозаикот на МЗТ, што придонесе играта на овој тим да се крене на едно повисоко ниво и МЗТ да доминира во Супер-лигата. Формата на овој тим се движи во нагорна линија, но ние нема да се предадеме. Знаеме дека ќе се обидат со агресивна одбрана да наметнат темпо, а наше е со квалитетен напад да одговориме на таа одбрана“, вели тренерот на битолчани.

Се вчитува...