Илиевски: Горд сум на успесите на Пелистер, ова е сезона во која здравјето е најважно

Пелистер има феноменална сезона, па клубот што лани немаше свое место во Супер-лигата оваа година игра фантастично и апсолутно заслужено го заврши лигашкиот дел на првото место на табелата. „Зелено-белите“ се препознатливи по извонредната офанзивна кошарка, повеќе од половина од натпреварите ги завршија со над 100 постигнати поени, импресионирајќи со брзата игра во нападот.

Најзаслужен за одличните резултати и за фантастичниот раст на Пелистер како клуб дефинитивно е тренерот Марјан Илиевски, кој за помалку од една година го трансформираше битолскиот прволигаш во дел од самата елита на мак-баскетот.

Амбициите поставени пред самиот почеток на сезоната беа влез во Супер-лигата, но Илиевски и неговите избраници не само што го остварија тоа, туку го освоија првото место во Првата лига и сега ќе ја имаат пол-позицијата во претстојниот плејоф.

„За мене секогаш се обврска барањата на управата кои ќе ги договориме пред опочетокот на соработката. Тие се моја обврска кон клубот, но јас секогаш чувствувам обврска кон самиот себе, си создавам мотив да успеам да направам барем чекор повеќе. Искрено ми е многу мило што сите заедно направивме Пелистер да биде на кошаркарската мапа во делот на конкурентните тимови за највисок пласман. Сите оние натпревари со над 100 постигнати поени ја одбележаа нашата сезона, мило ми е што сите не карактеризираат како тим што има карактер, енергија и тим што игра поразлично од останатите. Собравме многу симпатии од неутралната кошаркарска јавност поради нашиот стил на игра“, истакнува Илиевски на почетокот од разговорот за ЕКИПА.

Предизвикот како тренер беше уште поголем ако се знае дека минатото лето беше направен целосен играчки ремонт, најпрвин беа донесени Стајиќ и Трајковски како квалитетни домашни кошаркари, а потоа на нив беше додаден „странски квалитет“ во Кесар, Малешевиќ и во Американците кои Илиевски како тренер по традиција знае да ги избере за да му бидат значајно оружје во нападот во тимовите во кои работи.

„Мое инсистирање е кошаркарите да поседуваат победнички карактер. Тоа е она што го барам од нив уште од првиот разговор, од стартот на преговорите, да имаат глад за победа, за да можам да извлечам и повеќе од максимумот од секој од нив, бидејќи тоа е единствениот начин да стигнеме до значаен резултат. Сигурно не беше едноставно бидејќи немавме ниту еден играч од претходните сезони. Сепак, односот кон тренажниот процес и почитта кон соиграчот со поддршка еден на друг е процес што почнува од подготовките и пријателските средби, но нешто што потоа мора постојано да се надградува и дополнува“, вели стратегот на „пелистерци“.

Задачата да се состави победнички тим беше уште потешка ако се земат во предвид здравствените проблеми со кои се соочија сите тренери поради бројните позитивни случаи на коронавирус во прволигашките екипи.

Ова е многу тешка сезона, пред се за нас тренерите бидејќи никогаш досега не сме работеле во услови на пандемија, во кои е многу тешко да ги одржиш играчите во соодветен тренажен процес, па потоа се случува подолго време да си без натпревар поради позитивни случаи, па да мораш да играш две средби неделно, а играчите не ти се доволно физички подготвени бидејќи биле во самоизолација. Искрено ме радува што се ќе се заврши, што сме во фаза на почеток на плејофот. Секако дека сезоната беше крајно турбулентна, но најважно е дека сме на крајот, ова дефинитивно ќе биде едно големо искуство за челниците на федерацијата, но и за клубовите во иднина“, вели Илиевски.

Тој даде и краток осврт на сезоната која донесе бројни изненадувања.

„Ова беше сезона во која квалитетот во голем дел беше израмнет. Сезона во која се појави еден многу поинаков Пелистер, во која ТФТ зеде свој простор и ги промовираше Андреј Митревски и Страхил Николов, во која МЗТ Скопје 2 изгледа поинаку. Ова бше сезона во која Работнички покажа карактер и пример, па и покрај сите притисоци покажа дека ова не е година во која треба вината да се бара кај тренерот и да се прави измена во стручниот штаб. За мене лично голем минус во сезоната е што во период на пандемија некои мои колеги не ја завршуваат крај аут-линијата на своите клубови, и тоа многу брзо по прележаната зараза. Нели заеднички став на сите беше дека здравјето треба да биде во преден план, пред резултатскиот императив, но спонзорите и раководствата на некои клубови го ставија тоа во втор план. Притоа, сакам да нагласам дека во КК Пелистер, стручниот штаб и управата успешно ја изменаџиравме оваа пандемиска сезона и во услови кога имавме заразени играчи, но и како стручниот штаб беше преполовен од истата причина. Сето тоа ја прави уште поуспешна оваа сезона во која се бележат високи резултати“, потенцира Марјан Илиевски.

Пелистер ќе ја има пол-позицијата на почетокот од плејофот, но претходно битолчани ги очекува завршниот турнир од Купот на Македонија. Нема дилеми дека „зелено-белите“ и во двете натпреварувања ќе настојуваат да се вмешаат во борбата за својување на трофејот.

„Не би било спортски да се размислува поинаку, секој посакува да биде најдобар, да се бори за трофеи, тоа сигурно е желба на сите нас кои ја работиме оваа работа. Во спортот нема прогнози и јас единствено би сакал да продолжиме во исто темпо како досега“, порачува за крај најзаслужниот за извонредната сезона на КК Пелистер.

Се вчитува...