Илиевски: „Кабадахиското“ однесување на судијата Маркоски е виновно за моето исклучување

Тренерот на Ренова, Никола Илиевски – Џиџи, заработи исклучување на дуелот против Работнички од 28. коло во Првата македонска фудбалска лигата, откако во 77. минута реагираше кон главниот судија Марјан Маркоски по голот за водство на „романтичарите“ од 2-1. Тој е предаден на Дисциплинската комисија на ФФМ, како што стои во официјалниот записник, поради ‘насилничко однесување кон судијата’.

Илиевски не се сложува со официјалниот записник и вели дека судијата Марјан Маркоски со неговото „кабадахиско“ однесување е тој што наметнал нервоза на натпреварот.

„Судијата Маркоски со неговото „кабадахиско“ однесување е виновен за исклучувањето. Тој ја почна целата ситуација. Моето однесување не беше насилно, само побарав да објасни зошто не досуди фаул над Нухиу. Пред да го постигне голот Пеев направи фаул над Нухиу, кој Маркоски не го досуди. Во следната акција Пеев постигна гол и донесе три бода за Работнички. Маркоски директно влијаеше на конечниот резултат на мечот. Можеше само да ме испрати на трибините, но мораше да се прави главен, да ме навредува и да ми држи фудбалски семинари“, изјави Илиевски. 

Стратегот на тимот на Ренова вели дека ќе испрати писмо до ФФМ и ќе побара заедно да ја проследат снимката од мечот, за да се види кој бил негативецот во целата ситуација. Дали Џиџи или Маркоски?

„Јас ќе испратам писмо до Фудбалската федерација на Македонија во кое ќе побарам заедно да ја погледнеме снимката од мечот. Некој го предизвика моето однесување, кое беше далеку од насилно. Снимката од мечот ќе покаже кој бил насилен и кој е негативецот во целата ситуација. Дали Џиџи или Маркоски“, дополни Илиевски.

Тренерот на Ренова вели дека неговиот тим не се откажува од борбата за четвртата позиција и до крајот на сезоната ќе дадат максимум да стигнат до местото што  ќе води во Лигата на Европа, доколку Академија Пандев го освои Купот на Македонија. 

„Одиме до крај да се бориме на секој натпревар. Јас не се откажувам од проектот што го имаме. Имаме добар тим, со добри играчи. На почетокот цел ни беше опстанок, но ни се отворија некои работи и сега имаме шанси да бидеме на крајот четврти на табелата“, заврши Илиевски.  

Ренова во 29. коло во ПМФЛ ја чека тешко гостување кај Вардар, а натпреварот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари ќе се одигра в сабота, со почеток во 16 часот.

Се вчитува...