Селекторот Марјан Илиевски имаше причина за задоволство откако Македонија лесно и убедливо славеше над Азербејџан на почетокот од претквалификациите за ЕП 2029.
„Ова беше заслужена победа, морам да ја пофалам тимската хемија и енергија која постои во овие три дена. Никогаш ниту преценуваме, ниту потценуваме некого, но мора да ги пофалам играчите дека за краток период функционираа одлично и тоа што го покажаа на теренот и на самиот семафор, е заслужено“, изјави Илиевски веднаш по мечот.
Тој имаше пофални зборови за новиот Американец Омари Мур кој се постави во служба на колективот, оставајќи Андреј Јакимовски да ја преземе лидерската улога на овој меч. Иако е задоволен од Мур, Илиевски најави за следниот меч со Ирска наш натурализиран играч ќе биде крилниот центар Вајли.
„Утре одиме за Ирска, овој меч со Азербејџан треба да го заборавиме. Во Ирска од натурализираните ќе игра Вајли, денеска се решивме со Мур кој е бек затоа што и противникот имаше натурализиран бек. Мур ги оправда очекувањата иако дојде после меч кој го играше во Минхен, се вклопи, станува збор за вистински професионалец. Можеби јавноста очекуваше атракции и многу поени од него, но ни даде стабилност во играта и јас како селектор сум презадоволен“, прокоментира Марјан Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

