Марјан Илиевски од денеска и официјално е нов селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, функција на која го наследува Алек Јончевски кој во последните неколку години го предводеше нашиот национален тим.
Челниците на федерацијата го избраа токму Илиевски како предводник на овој нов проект, во кој секако главна зацртана цел е обезбедување на пласман на следниот Евробаскет.
„Благодарност до претседателот Главчев и до останатото раководство за честа да можам да бидам на оваа функција, да се заблагодарам на моите стручни соработници за кои верувам дека безрезервно ќе ја дадат поддршката во овој проект. Затекнати сме во една ситуација во која е неблагодарно да говориме за моментната состојба, неблагодарно е сега да го коментираме тоа, седнати сме овде за да свртиме нов лист и да се обидеме да се избориме за подобра иднина. Клубовите исто така се важен фактор, бидејќи тие мора да извршат едно влијаине врз играчите кои се планираат да бидат во репрезентативниот дрес, да сфатат дека тоа е нешто важно, за подобро утре за сите. Сите заедно треба да го работиме за да го подобриме тој заеднички аспект, се во интерес на македонската кошаркарска репрезентација. Не би сакал да влегуваме во оспорување на играчкиот кадар што ќе се планира, да не се доведеме во ситуација како во времето на ваучер-системот, дека само тогаш имаше потреба да се има повеќе репрезентативци во екипите. Мојот апел до сите клубови е да размислуваме за доброто на репрезентацијата, без разлика што тој ваучер систем е скратен, сепак сите треба да работиме за доброто на кошарката“, истакна Илиевски.
Сепак, прв предизвик ќе бидат претквалификациите во август годинава, кога за противници ќе ги имаме Унгарија и Романија во обид да обебедиме место во главните квалификации за СП 2026.
„Од информациите што ги добиваме, оние први по разговорите со носителите во репрезентацијата, се уште немаме дефинирано одговор од нивна страна. Повеќето од нив веќе имаат решено дека не можат да бидат присутни во овие августовски натпревари, јас лично ќе зборувам со нив иако најавиле дека планираат да не играат летово, да го потенцираме значењето на овие два следни прозорци, во август и во ноември, и ќе побараме да помогнат во овој период. Од тој момент кога ќе знаеме дали тие ќе играат, ќе можеме да разговараме за очекувањата и резултатите. Ако ние ги немаме тие клучни играчи, тогаш и нашите подготовки кои се закажани за 10 јули ќе биде касно бидејќи ќе немаме многу време ако правиме и значително подмладување во националниот тим. Немаме инфо ниту од Шортс, кој се уште игра за својот клуб Париз, а неговата иднина ќе зависи од директните разговори со него, но и со неговиот нов клуб. Зборувавме со Андреј Јакимовски, кој истакнал дека сака да присуствува иако има обврски во Летната лига, тој ќе доцни пет-шест дена, но очекуваме да биде тука. Мило ми е што Јакимовски ќе биде дел од таа приказна, се надевам дека тоа ќе се реализира… Ненад Димитријевиќ е столб на репрезентацијата, него прв ќе го побарал по оваа прес-конференција. Знаеме дека пред него доаѓаат многу подобри времиња, мое размислување тренерско е дека е добредојдено и за него и за нас да биде дел од репрезентацијата во овој важен период“, изјави новиот селектор на Македонија.
Илиевски обелодени и дека потпишаниот договор е на четири години, се со цел да се изврши неопходната смена на генерација.
„Договорот е за четиригодишен циклус во кој ќе целиме на подмладување на репрезентацијата. Она што го кажав дека по оваа прес-конференција ќе зборувам со оние поискусни кошаркари, кои ги разбирам зошто сакаат да одморат малку и да соберат сили за да одиграат уште една-две клупски сезони. Сепак, јас ќе побарам од нив да бидат тука за нас, да ни помогнат во овој важен период . Оттука почнуваме со комплетното подмладување на целата репрезентација, сето она што ќе биде поставено како програма и начин како ќе се однесуваме кон репрезентацијата, дека сите тие играчи се важни за периодот што доаѓа. Најголема сатисфакција би ми била таа репрезентација да расте со некои млади кошаркари, бидејќи навистина мислам дека особено а бековските позиции имаме играчи кои можат да одговорат, а верувам дека и некои високи македонски играчи ќе добијат простор“, истакна Марјан Илиевски
Воедно, селекторот обелодени дека е предвидено почетокот на подготовките да биде во Скопје во големата сала во Кале. Во Скопје ќе се остане до 18 јули бидејќи салата ќе биде искористена за Младинскиот Европски Фестивал, по што националниот тим ќе се пресели во Гевгелија, каде на 25 и на 26 јули ќе одигра пријателски натпревари со селекцијата на Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА