Илиевски: Покажавме како се бранат боите на Пелистер

Тренерот на Пелистер, Марјан Илиевски, му ја честиташе на МЗТ Скопје шампионската титула, истовремено искажувајќи и гордост од одиграното од страна на неговиот тим во текот на целата сезона.

Битолчани оставаат зад себе сезона полна со финансиски проблеми и неизвесност, во која беа дел и во АБА2 лигата, а во домашното првенство стигнаа до второто место.

„МЗТ Скопје сосема заслужено дојде до победата. Тие ја исполнија својата клупска цел. Квалитетната ротација и подолгата клупа пресудија. Без оглед на крајот на оваа серија, за мене, моите играчи сосема заслужено стигнаа до тука, па дури и да го освоевме трофејот. Горди сме на сработеното, особено со проблемите кои ги имавме. Ние истуркавме дотука, со желба и љубов кон клубот. Покажавме дека знаеме како треба да ги браниме боите на Пелистер и создадовме симпатија во градот меѓу публиката, а нивното присуство е наш најголем трофеј“, изјави Илиевски.

Тој има договор со клубот и за наредната сезона, исто како и дел од клучните играчи, но многу работи во битолскиот тим ќе зависат од визијата на општината и буџетот што ќе биде обезбеден.

„Ако одиме редоследно, минатата година завршивме трети, оваа втори, па следната сакаме да бидеме први. Сепак, тука влијаат повеќе фактори, ќе зависи од политиката на клубот и како се гледа на иднината. Ние како спортисти сакаме да се натпреваруваме со квалитетни екипи. Сакаме да излеземе на меѓународна сцена и тоа е предизвик за нас. Гледајќи како реагираше градот и публиката, а заедно и ние со нив, жално би било да нема таква можност за сите да се радуваме“, порачува стратегот на „пелистерци“.

Се вчитува...