Илиевски: Предновогодишна радост за 12 победи без пораз, од срце им честитам на кошаркарите

Марјан Илиевски може да биде горд на изданието на Пелистер во првиот дел од оваа сезона, откако битолчани славеа со убедливи „плус петнаесет“ на гостувањето против МЗТ Скопје, за комплетирање на перфектните три месеци на „пелистерци“, со перфектни 12 победи и ниту еден пораз. МЗТ во одлична форма го дочека овој дуел, но Илиевски имаше одговор за актуелниот шампион, со беспрекорен напад терајќи ги „металците“ на капитулација.

Одличниот стратег по мечот не го криеше задоволството од резултатот, но и од карактерот на тимот кој се соочи со многу проблеми во изминатиот период.

„Ако земеме во предвид сето она што ни се случува од самиот старт на сезоната, со сите турбуленции што ги имавме во клубот и со сите проблеми и нецелосниот ростер во однос на она што го планиравме пред почетокот на сезоната, многу ми е драго што доминираме во домашното првенство. Практично во разговор со играчите пред мечот им потенцирав дека ова можеби е и натпревар на сезоната. Многу ми е драго што и покрај сите пехови што ги имаме, покрај сето она што останавме само ние како стручен штаб и играчите на терен, можеме да се радуваме предновогодишно со скор од 12-0. Сето она што претстои, се надевам дека ќе се консолидираме и ќе играме уште подобро во иднина. Сакам од срце да им честитам на моите кошаркари за она што го покажуваат, за карактерот што го потврдија и денеска“, вели Илиевски.

Од тактички план, тренерот на битолчани е задоволен од агресивноста во одбраната, како и од затворањето на рекетот.

„Јас и пред мечот кажав дека МЗТ во последниот период игра исклучително квалитетна кошарка, како во домашното првенство така и во АБА2 лигата. Она на што укажав и што го барав од играчите беше да издржат физички, знаевме дека темпото на мечот ќе биде силно и дека тие имаат поширок ростер, но пораката беше јасна – дека не смееме да се предадеме. Им кажав на играчите дека ако треба ќе излеземе сите со по пет лични грешки, но нема да се повлечеме од таа агресивност. Конечно после подолг период имавме и добро затворање на рекетот во скок-играта, а на сето тоа почна да функционира и нашиот шут од далечина“, анализира стратегот на „пелистерци“.

Се вчитува...