Селекторот Марјан Илиевски има причина за задоволство откако Македонија забележа две победи на стартот од претквалификациите за Евробаскет 2029.
Ривалите се далеку од реномирани, но Ирците синоќа покажаа дека можат да одиграат квалитетно, создавајќи ни проблеми во огромни делови од мечот во Даблин. Сепак, покажаниот карактер и двоцифрената победа на крајот се причини за задоволство на стручниот штаб предводен од Марјан Илиевски.
„Првично, сакам да им честитам на играчите, бидејќи од една негатива и од лош почеток се вративме во втората четвртина, дури и завршивме со два поени предност за нас. Веќе од третата четвртина покажавме еден поинаков карактер каде немавме, односно не дозволувавме разлика која се правеше претходно, а изразена со десетина поени. Имавме проблем со офанзивниот скок на Ирска во текот на целиот меч. Не натскокаа и тие поени што беа од втора шанса, вкупно 20, направија ривалот да биде во таа минимална предност претходно. Ова е голема гостинска победа. Игравме во Даблин по меч по кој бевме три дена заедно, се рехабилитиравме на тој тренинг што ни беше дозволен. Го сработивме она кое го посакувавме и среќен сум и горд на играчите, од прв до последен. Од оној што имаше најголема минутажа, до хемијата, но и до оние кои не влегоа да игра и беа со тимот. Сите си беа поддршка еден на друг“, изјави Илиевски.
Селекторот е задоволен од растот на репрезентацијата, а пред се го радува покажаниот карактер и заедништво на сите кои беа дел од националниот тим во изминатата седмица.
„Не можеме да зборуваме за некаква форма од сега, за февруари. затоа што ние се собираме во краток временски период, и „прозорците“ траат една недела. Во која физичка подготовка и во која линија ќе бидат играчите во своите клубови и колку тоа ќе може да го ставиме во функција тогаш, тоа е прашање на моментот. За нас најважно е здравствениот биланс да биде како што треба кога повторно ќе се собереме. Ние во овие денови се соочувавме со проблеми, односно неколку играчи имаа повреда, но пак го дадоа максимумот за Македонија. Со еден збор, се создава нешто што е позитивно. Да бидеш во колектив, каде никој не се штеди, е прв показател дека се случува нешто позитивно и дека сме на добар пат. А, сето она што ќе биде резултат на самиот терен е нешто друго“- дополнува селекторот по успешно реализираниот план во ноемврискиот ФИБА „прозорец“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

