Илиевски: Секоја чест за играчите и стручниот штаб кои „машки“ ја издржаа ситуацијата во која се најдовме

Првиот дел од сезоната во македонската кошарка донесе многу позитивни „приказни“, а едната од нив е Пелистер кој втора година по ред успева да го заврши „есенскиот“ дел на првото место на табелата. Со тоа што „зелено-белите“ за разлика од претходната кога забележаа шест победи, оваа сезона стигнаа до 12 триумфа во 12 натпревари.

Битолчани го задржаа „костурот“ на тимот со Стајиќ, Малешевиќ, Трајковски и Кесар, а овие дополнителни со неколку репрезентативци како Младеновски и Ѓуроски, искусните Младеновиќ и Караџовски, како и одличниот Хотон одговорија на задачата па тренерот Марјан Илиевски не го криеше задоволството од првиот дел од домашното првенство.

„Со оглед на целата ситуација со која се соочуваме подолг период и на начинот кој се поставивме секако дека сум задоволен од постигнатиот резултат во првиот дел од сезоната во домашното првенство со целосен учинок на победи заокружен со доминација на најуспешниот спортски колетив во последните десет години, МЗТ Скопје како во првото така и во последното коло“, вели за ЕКИПА стратегот на Пелистер кој се осврна и добро позатниот проблем во мак-баскетот.

„Многумина беа убедени дека клубот е во фаза каде што сите ќе не напуштат поради сите реални околности и морам да истакнам за еден максимален спортски пристап на играчите и стручниот штаб кои навистина покажаа голема човечка особина и беа на своите задачи како да не постои пречка од никаква природа и дадоа шанса на Пелистер и во иднина да биде посериозен фактор на кошаркарската мапа, земајќи во предвид дека клубот во минатото беше повеќе во долниот дел на табелата во борба за опстанок“

Пелистер оваа сезона дебитираше и на интернационалната сцена, односно во АБА2 лигата каде тимот одигра променливо па по седум одиграни средби се наоѓа на 13. место на табелата со биланс од една победа и шест порази.

„Со оглед на целиот турболентен период на „оставени сами“, пропратени со спортски пехови на здравствен биланс и некомплетиран ростер резултираше во АБА2 натпреварувањето со негативен скор пропратен дополнително со недоволно спортска среќа и покрај сите тие околности. Не можам да го земам како факт на помош играњето во АБА2 за резултатите кои ги поставивме на домашното првенство бидејќи Пелистер во оваа фаза беше прв на табелата и во сезоната зад нас. Напротив, ни одзема многу повеќе енергија, а и данок во здравствениот биланс“, додава Илиевски.

За вториот дел од сезоната кој за Пелистер започнува денеска од 18 часот и 30 минути против третопласиранта Академија ФМП, амбицијата останува иста – победа на секој натпревар.

„Во вториот дел од сезоната ќе се обидеме да бидеме во иста амбиција како во првиот дел со тоа што ќе пробаме да не калкулираме со тој резултат и да се однесуваме како на почеток на нова сезона. Да бидеме максимално посветени на секој натпревар и да не потценуваме ниту еден противник. Се соочуваме со проблеми во здравествениот биланс и се надевам дека набрзо ќе дополниме со уште едне играч и билтенот на повредени играчи ќе се намали. Свесни сме дека сите екипи имаат мотив повеќе за надигрување со Пелистер и такво е очекувањето за следниот противник“

Се вчитува...