Илиевски: Штета, Охрид можеше да биде успешна кошаркарска приказна

Кошаркарите и членовите на стручниот штаб на Охрид се уште се во шок по вчерашната одлука на првиот човек на клубот да го згасне овој спортски колектив на само пет дена пред стартот на новата сезона. И додека поголемиот дел од играчите во најскоро време ќе најдат нови ангажмани, во најнезгодна ситуација се наоѓа стратегот Марјан Илиевски, со оглед на фактот дека сите прволигаши веќе ги имаат формирано своите тренерски тимови за стартот на сезоната.

Токму овој стратег успеа да ги доведе сите летни засилувања, да состави респектабилен состав кој требаше да атакува на место во плејофот. Тој одби неколку понуди од клубови од регионот, беше поврзуван и со водечки македонски екипи, на крајот го прифати големиот предизвик да создаде силен тим во АВ Охрид, но сега останува без ангажман непосредно пред почетокот на Првата лига.

„Нормално е да постои разочарување бидејќи тешко е да се прифати една ваква ситуација, во еден ваков момент пред самиот старт на сезоната. Од самиот почеток поставивме стабилни темели, се она што беше договорено меѓу стручниот штаб, играчите и клубот беше исполнето, што ветуваше само позитивен исход на се она што требаше да следи. Верувам дека причините за да се стави еден ваков крај се силни и дека воопшто не е лесно да се донесе ваква одлука“ – вели Илиевски.

Тој е убеден дека составениот тим имаше потенцијал за одлични резултати на домашната сцена.

„Јас лично многу жалам што немавме можност овој спортски колектив да одигра ниту еден официјален натпревар. Тимот што го составивме имаше своја „хемија“, спортски потенцијал и одличен човечки квалитет. Верувам дека многу брзо кошаркарите ќе најдат нови средини и ќе бидат од голема корист во новите клубови, каде ќе атакуваат на врвни резултати. Впрочем, по еден ваков „пораз“ мора да се остане исправен и да се продолжи понатаму“ – порачува одличниот стратег.

Илиевски ланската сезона го водеше тимот на Блокотехна со кој стигна до титулата во БИБЛ, а кој за жал го снајде истата судбина како и АВ Охрид, па престана да се натпреварува.

„Искрено жалам, бидејќи со ова згаснува кошарката во овој град, а убеден сум дека Охрид можеше да биде успешна кошаркарска приказна. Голем минус е и згаснувањето на КК Блокотехна, а исчезнувањето на уште еден стабилен прволигаш е дефинитивно голем минус за нашиот спорт“ – вели Марјан Илиевски.

Се вчитува...