Илиевски: Војдан го реши мечот, ние бевме казнети за два слаби периоди од по две-три минути

Пелистер не успеа да направи подвиг на денешниот прв финален меч од кошаркарскиот плејоф, губејќи од МЗТ Скопје со убедливи 91-76.

Битолчани во голем дел од натпреварот сосема добро му парираа на актуелниот шампион, но како пресудни се покажаа падовите во концентрацијата во третиот период што МЗТ безмилосно ги казни.

„Како еден од клучните фактори би го навел подолгиот одмор што го имаше МЗТ Скопје пред ова финале бидејќи заморот во нашиот тим во одредени моменти од дуелот беше очигледен. Исто така, подолгата ротација одигра важна улога, нивните играчи од клупата дадоа позначаен придонес во мечот од нашите. Ние имавме и бројни промашени отворени шутеви, додека МЗТ на спротивната страна погоди дури 14 тројки. Јас и пред мечот кажав дека имам исклучително високо мислење за Војдан Стојановски, токму тој ја имаше главната улога и го покрена тимот да влезе во серија во моментите кога се кршеше резултатот. Мечот го загубивме откако во два периоди имавме по две-три лоши минути, МЗТ го искористи тоа и создадоа добра разлика што потоа беше тешко да се стигне“, истакна тренерот на Пелистер, Марјан Илиевски.

Тој очекува подобро издание од својот тим на вториот меч во Битола, на кој „пелистерци“ зад себе ќе ја имаат и поддршката на верните навивачи.

„Се надевам дека ќе имаме поддршка од публиката, таа секогаш многу ни значи и во последниот период е клучна бидејќи ни дава поддршка да се вратиме и кога на периоди играме под своите можности. Мислам дека и вториот дуел ќе понуди една убава кошаркарска претстава“, вели стратегот на битолчани.

Се вчитува...