ИЛИЈА НЕСТОРОВСКИ – Најголемиот губитник од одложувањето на ЕВРО 2020: Пред шест години сакаше да се откаже од фудбалот, а сега e во Серија А

EКИПА, како партнер на реномираниот лондонски ГАРДИЈАН, ќе биде дел од медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со Газета дело Спорт (Италија), Ел Паис (Шпанија), Ди Цајт (Германија), Спорт-Експрес (Русија), Франс фудбал (Франција), Блик (Швајцарија), Телеспорт (Хрватска), Стандард (Австрија)..  Се во насока на што поквалитетно покривање на ЕВРО 2020! Целта на мрежата е размена на текстови и информации како читателите од секој од овие медиуми би имале поблизок и пореален поглед на секој од протагонистите на Европското првенство.

========================================================================

Од бездната па до престолот, од најголемите возвишувања до најголемото разочарување непосредно пред најголемиот европски настан ова лето. Така, онака кратко, може да се опише кариерата на еден од најдобрите македонски офанзивци во историјата, Илија Несторовски.

Може да има разно-разни субјективни мислења околу квалитетите на Нестор-гол. Да го сакате, или не, но факт е дека Несторовски беше и тоа како значајна алка во оваа македонска репрезентација која и тоа како ќе недостасува на ЕВРО 2020. И, тоа е мислењето на сите домашни фудбалски аналитичари.

Несторовски, се чини, е најголемиот губитник поради одложувањето на ЕВРО 2020 за оваа година. Судбината сакаше повредата да го спречи да го почувствува својот најголем сон. Иако, ќе биде заедно со репрезентативците во Букурешт и во Амстердам.

А, некако слично се одвиваше и играчката кариера на Илија. Некаде во 2014 година сакаше да се откаже од фудбалот, откако претходно имаше извонреден старт на кариерата во Победа од Прилеп. На само 18 години ја доби капитенската лента во Победа, постигнувајќи 10 гола на 15 меча во сезоната 2009/10, што беше најава за трансфер. Заинтересирана за него беше и белградска Црвена Звезда, но се одлучи за Словачко во Чешка, што на крајот се покажа како катастрофален потег.

Далеку од дома, Несторовски веднаш почна да се соочува со проблеми. Повеќе беше на клупата, а кога играше – не беше на омилената позиција, но форсиран на левата страна. Не успеа да покаже што знае во Словачко, кој го позајмуваше постојано на разно-разни клубови, оценувајќи го како неперспективен фудбалер за кого нема иднина. Притоа не успевајќи да се наметне ниту на позајмицата во Металург каде во 20 натпревари постигна само еден гол во македонскиот шампионат. Капак на се потоа беше и 2013 година во која остана и без клуб.

Непрепознаениот талент за него значеше голем пад на самодовербата. Максимално разочаран Несторовски тогаш ќе рече:

„Завршувам со фудбалот и се враќам назад во родниот Прилеп“.

Но, во 2014 година се случува хрватски Интер Запрешиќ каде комплетно се препородува и во три сезони за тимот, на 90 натпревари постигнува 69 гола. Тоа го издвојува како трет најдобар стрелец во историјата на хрватската лига. Следат бројни понуди но победува италијански Палермо.

Доживува ново фудбалско воскреснување и во Палермо. Веднаш е забележан од европските и светски медиуми кои не штедат суперлативи за играта на секогаш борбениот Македонец…

„Без Македонецот, Палермо ќе беше тотално безнадежен. Несторовски оваа сезона даде девет гола и забележа уште три асистенции, што значи дека тој учествувал директно во 12 од вкупно 19 гола на тимот на 23 средби. Не е лошо за некој кој е купен за само 500.000 евра од Интер Запрешиќ!“ – ќе напише ЕСПН.

А, задоволството од македонскиот репрезентативец не го криеше и сопственикот на Палермо.

„Несторовски е чудо. Ех, да беа другите играчи како него и да ја покажуваа таа борба и жар на теренот. Заслужува да биде капитен. Де Лаурентис го бараше, но му кажав дека може да се врати во јуни, па си го купи Паволети од Џенова. Како и да е, Несторовски е подобар и има карактер како Гонзало Игуаин“ – ќе рече во една прилика Зампарини.

Одличните три сезони во Палермо го носат во Удинезе каде доби стандардно место, и покрај променливата минутажа, за да сега, за жал, повредата го спречи да игра на ЕВРО 2020.

‘ЖРТВА’ НА ГОВОРОТ НА ОМРАЗА ПО СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Црна дамка во досегашната репрезентативна кариера на Илија Несторовски е отстранувањето од селекцијата по непромислениот гест на мартовскиот натпревар против Лихтенштајн во Скопје, во квалификациите за СП 2022. По постигнатиот погодок во афект пред ТВ-камерите со вулгарни зборови се обрати до поединци, испраќајќи порака пред целата јавност.

И покрај тоа што за еден професионалец нема оправдување за таквиот потег, факт е дека Несторовски беше само еден вид „жртва“ на говорот на омраза по социјалните мрежи, кој е се чини неизлечив проблем и во македонски рамки. Не е никаква тајна дека познати се „фејсбук-оцрнувачите“ кои и тоа како ширејќи постојан говор на омраза не бираат зборови навреди и кон македонските репрезентативци. На таквите провокации непотребно подлегна Несторовски, во желбата пред камери да „тера своја правда“, обидувајќи се да докаже дека секогаш го давал максимумот во македонскиот дрес.

Колку и да има различни мислења, факт е и дека Несторовски беше еден од најзаслужните за пласманот на Македонија на ЕВРО 2020. Не само поради извонредната асистенција за Пандев за историскиот погодок против Грузија во Тбилиси, и неговиот одличен меч кој го одигра во финалето од Лигата на нации. Но, поради константноста и допринесот за тимот сите овие изминати години, и тогаш кога бил далеку од гол-форма. Затоа неговиот темперамент на терен ќе недостасува во тимот на Ангеловски.

Се вчитува...