Резултатската криза на МЗТ Скопје уште повеќе се продлабочи по вечерашниот убедлив пораз од екипата на Будуќност (71-93), меч во кој аеродромци уште повеќе ги разочараа своите навивачи кои оправдано во се помал број доаѓаат да ги бодрат во СЦ „Јане Сандански“. Очајна реализација и премногу индивидуализам во нападот, како и недоволната борбеност во одбраната беа клучни фактори поради кои избраниците на Тодоров беа целосно надиграни од црногорскиот првак, кој доминираше 40 минути и заслужено стигна до седмата победа во низа, задржувајќи се на чело на табелата во АБА-лигата.
Потопот беше очигледен уште од првата четвртина, во која Црногорците за пет минути поведоа со 5-11. Со тројката на Дамјан Стојановски „металците“ дојдоа до 13-15, но тоа беше најблизу што македонскиот првак дојде до противникот на овој меч. Следеше нова серија на Будуќност и завршување на четвртината со 13-22, по што гостите рутински ја одржуваа предноста и на одмор заминаа со „плус десет“ (33-43). Будуќност речиси цела трета четвртина имаше двоцифрена позитива, за со тројката на Трајковски македонскиот претставник да намали на 53-61. Тоа беше се од МЗТ на овој натпревар, црногорскиот состав одигра моќно на стартот од последниот период и експресно ја крена разликата над 20 поени, за конечна победа од 71-93.
Маврра беше најефикасен со 14, Трајковски и Лалиќ постигнаа по 13, додека најдобар стрелец на Будуќност беше Ивановиќ со 14 поени.
Следниот викенд во АБА-лигата е пауза поради репрезентативни настапи, добредојдена за Ацо Тодоров во обид да го консолидира и воигра својот тим и конечно да најде излез од кризата. Во наредното коло од регионалното натпреварување МЗТ Скопје на 2 декември го очекува пеколно тешко гостување против хрватскиот првак Цедевита.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА