Има ли „маж“ да го сопре Скопје?… „Романтичарите“ следни предизвикувачи!

Скопје ја игра можеби најдобрата своја прволигашка етапа во историјата на клубот. Осум натпревари во пролетниот дел од сезоната тимот од Автокоманда не знае за пораз во шампионатот, запишувајќи три победи и пет ремија, сега веќе сериозно со реални шанси и за опстанок во елитата.

Токму затоа повеќе од интересна се очекува да биде денешната средба на Скопје со Работнички во Автокоманда, во рамките на 27. коло од Првата македонска фудбалска лига. Скопје се бори за опстанок, а „романтичарите“ во обидот да го запрат посакуваат за себе бодови во трката за европски излез…

„Не чека тежок натпревар. Но, одиме верувајќи во себе од меч на меч со дополнителна самодоверба. Јасно е дека Работнички е фаворит, но ние сме подготвени за надигрување пред нашите навивачи. Бодовите се неопходни на двете екипи, затоа без сомнение не чека машка битка“ – вели офанзивецот на Скопје, Филип Петковски.

По триумфот над Силекс, избраниците на Ѓоре Јовановски се надеваат дека ќе продолжат со позитивни резултати под негово раководство. Левиот бек Себастијан Херера исто така очекува тежок натпревар но посакува Работнички да ги освои трите бода.

„Атмосферата во тимот е на високо ниво. По триумфот што го остваривме против Силекс се надеваме дека ќе продолжиме во исто темпо и на наредните натпревари. Не очекува навистина тешко гостување против Скопје, тоа е тим на кој бодовите му се потребни за опстанок, но и ние исто така сакаме да ги освоиме за да се задржиме во трката за излез на европската сцена. Нема да биде лесно, но доколку ги исполниме задачите на шефот Ѓоре Јовановски, очекувам да оствариме позитивен резултат“ – вели Себастијан Херера.

Мечот меѓу Скопје и Работнички ќе го суди Марјан Гоцевски од Струмица, а ќе му помагаат Саше Тошевски (Скопје) и Никола Божиновски (Скопје). Делегат на натпреварот е Серафим Ангелов од Кочани, а контролор на судењето ќе биде Петре Илиоски од Прилеп.

Се вчитува...