(ИН)ДИРЕКТ: Наше, а светско…

Екипа

Наше, а светско…Овојпат не е „Скопско“, затоа што во светот на фудбалот сега главниот збор го води „Хајнекен“. Но, наше е…и скопско. А големо, огромно, во европски и светски рамки. Во спортот кој ја врти планетата.

Скопје е центар на фудбалската планета овие два дена. Некогаш не можевме ова ниту да си го замислиме, а денеска сите се подготвуваме да одиме на нашата „Телеком Арена“, која сега е вистинска фудбалска убавица, налик на „Сантијаго Бернабеу“ или „Олд трафорд“, и ги прими во свои закрила европскиот првак Реал Мадрид, и победникот на Лига Европа, Манчестер јунајтед. Ќе се борат за трофејот во Суперкупот на Европа, еден од трите најпрестижни пехари во светот на клупскиот фудбал.

На гости ни дојдоа Зинедин Зидан и Жозе Мурињо…Роналдо, Бејл, Рамос, Марсело, Иско од едната страна, и Погба, Де Хеа, Михтарјан, Мата, Карик, од другата. Во придружба се Раул Гонзалес (не овој ‘нашиот’ ракометен), Емилио Бутрагењо, Сер Алекс Фергусон, Сер Боби Чарлтон…Дојдоа да бидат дел од спектаклот и Предраг Мијатовиќ, Дејан Станковиќ, ќе дојдат вечерва на стадион и илјадници фанови од целиот свет, но и Македонци, кои ќе уживаат во вистински спектакл. Се бара билет повеќе, сите сакаат да се сликаат, па макар и за на Фејсбук, со ѕвездите, со пехарите…

Скопје и Македонија ги тресе фудбалска грозница. И мора да сме горди, да им честитаме на луѓето од ФФМ што се изборија нашата земја да биде домаќин на еден ваков голем грандиозен настан. Нема сомнение, ова е најголемиот настан воопшто што досега го организирала Македонија. И се е европски, како што прилега, а само докажува дека Македонија може, кога сака, па ете нека биде и кога друг кажува како треба, да се однесува европски, да организира настан(и) по светски терк.

Среќен сум, како фан на Реал Мадрид, што ете токму ‘мојот’ клуб дојде во Скопје, верувам дека така е и со илјадници други Македонци кои навиваат за Манчестер јунајтед, и за Реал Мадрид. Треба да бидат среќни и сите други, затоа што фудбалска Европа овие два дена со очите е фокусирана кон Скопје.

И само миг подоцна, кога ќе се оттргнам од блескавиот одсјај на пехарите од Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Суперкупот на Европа, кои сега се наоѓаат на гости во Скопје, не можам, а да не се замислам. Зошто ли нема ваква фудбалска еуфорија во Македонија и кога игра нашата фудбалска репрезентација?! Затоа што многу, многу повеќе од тоа што навивам за Реал Мадрид, си ја сакам и навивам за Македонија.

Европски се однесуваме кога ќе ни дојде Европа во Македонија, но не знаеме да создадеме европска атмосфера за нас, кога на истиот тој терен на кој вечерва ќе играат Роналдо, Бејл, Погба и Де Хеа….трчаат со цело срце во националниот дрес и Пандев, Нестор, Џани Алиоски, Барди…  И тоа ете ме враќа во реалноста…Лесно е да си Европеец на два дена и да им се радуваш на Реал Мадрид и на Манчестер јунајтед… Но, нема поубаво од тоа да си Македонец и да си направиш ваква, или уште поубава атмосфера, кога ќе игра твојата репрезентација… За тоа се живее, за тоа се работи…

Со клубовите, тоа не е можно, ставаат цена на билети од 3.000 денари.

Се вчитува...